Виртуелниот настан, на кој учествуваа голем број американски познати личности, а домаќин беше Опра Винфри во четвртокот навечер со цел да придонесе за кампањата на Камала Харис, привлече стотици илјади гледачи на различни социјални мрежи.
Винфри беше домаќин на настанот наречен „Unite for America“ во соработка со активистичката група „Win with Black Women“. Целта на собирот беше да се поттикнат луѓето да се регистрираат за гласање и да ја поддржат Харис во сојузните американски држави како Пенсилванија, Џорџија и Мичиген, кои ќе одлучат за изборите на 5 ноември.
На настанот присуствуваа многу познати личности, меѓу кои и комичарите Крис Рок и Бен Стилер и актерите и актерките Џулија Робертс, Мерил Стрип и Брајан Кренстон, сите долгогодишни поддржувачи и донатори на Демкратската партија. Тие дадоа свои причини за поддршка на Харис. Рок рече дека сака да ги донесе своите ќерки во Белата куќа за да ја запознаат „ова црна претседателка“.
Винфри ја истакна брзата трансформација на Камала Харис откако претседателот Џо Бајден под жестокиот притисок од неговите сопартијци се откажа од претседателската трка кон крајот на јули и ја пофали нејзината подготвеност да направи нови потези.
„Иако некои демократи во Вашингтон ја доведуваа во прашање силата на Камала како претседателски кандидат, таа ги оживеа изгледите и ентузијазмот на демократите, влијаејќи врз дополнителните напори за собирање средства“, рече Винфри.
Шенет Вилијамс, мајка на Амбер Никол Турман, 28-годишната девојка од Џорџија која почина во август 2022 година откако го одложила болничкото лекување наводно поради рестриктивните закони за абортус на државата, на публиката ѝ рече: „Гледате скршена мајка, мајка која ја доживеала најлошата болка што може да ја почувствува да се биде родител“.
Харис одговори дека е „неверојатно тажна“ и дека „храброста што ја покажала е неверојатна“, што ја расплака публиката од околу 400 луѓе во студиото.
Во првиот ред со родителите седеше Натали Грифит, 15-годишна ученичка од средното училиште Апалачи во Џорџија, ранета двапати пред две седмици во напад што се случи додека таа одеше на час по математика.
„Што правиме?“ ја праша мајката на Натали. „Нашата работа е да ги заштитиме нашите деца. Мораме да го запреме ова“, рече таа, воздржувајќи ги солзите, пренесува Reuters.
Харис и демократите ветија дека, доколку бидат избрани, ќе ги вратат националните права за абортус погодени од одлуката на Врховниот суд од 2022 година и ќе донесат забрана за автоматски и полуавтоматски пушки, кои често ги користат вооружени лица во масовни престрелки.
Советниците на кампањата на Камала Харис велат дека речиси 200.000 луѓе се пријавиле за да го гледаат преносот во живо, а речиси 100.000 гледале на YouTube до крајот. Многумина го следеа настанот во живо на Facebook, Tiktok и Twitch.
Според неодамнешната анкета на Reuters, Харис води пред Трамп со 47 наспроти 42 отсто од потенцијалните гласови.
Според податоците на компанијата FiveThirtyEight со седиште во Аризона, Харис води во клучните држави – Мичиген, Пенсилванија, Висконсин, Невада и Северна Каролина, додека Трамп има поголема поддршка во Џорџија. Меѓутоа, разликите меѓу двата кандидата се во рамките на статистичката грешка, така што се прогнозира тесна трка до крајот.