Новиот формат на Лигата на шампионите ги принудува тимовите да одат на победа, изјави главниот тренер на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, откако неговиот тим во четвртокот вечерта на домашен терен со пресврт дојде до победата од 2:1 над РБ Лајпциг.
Од оваа сезона елитното европско фудбалско натпреварување од групната фаза се пресели во лигашката фаза во која учествуваат 36 екипи и секоја од нив ќе одигра по осум натпревари. Осумте најдобри директно ќе влезат во нокаут фазата, а за место во нокаут фазата ќе играат екипите од 9 до 24. место.
„Овој формат нè принудува да победиме. Денес нерешениот резултат е од мала полза“, изјави Симеоне за Movistar по победата што на Атлетико му ја донесоа Антоан Гризман (28) и Хозе Марија Гименез (90) по водството на Лајпциг со раниот гол на Бенјамин Шешко (4).
„Потполно сум задоволен, натпреварот беше многу добар. Истото ќе го кажев и да беше нерешено. Игравме на различни начини и со различни играчи. Го постигнавме она што го замисливме. Контролиравме 80 проценти од играта“, додаде тренерот на Атлетико, кој сезонава нема пораз во сите натпреварувања.
Следниот натпревар во Лигата на шампионите мадриѓаните ќе го одиграат на 2 октомври кога во Лисабон ќе бидат домаќини на Бенфика.
„Тоа ќе биде уште една битка“, рече Симеоне.