Русија нема да учествува на никакво „продолжение на мировниот самит“ што се одржа во јуни во Швајцарија, бидејќи целата процедура е „измама“, изјави во саботата доцна вечерта портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
Русија не беше поканета на самитот во јуни, на кој присуствуваа делегации од повеќе од 90 држави и организации од светот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева дека до крајот на годината ќе организира продолжение на самитот, на кој ќе учествува и Русија.
„Самата постапка нема никаква врска со решавање на конфликтот. Тоа е уште една манифестација на англосаксонците и нивните украински марионети“, напиша Захарова на Telegram.
Рече и дека Русија е подготвена да разговара за „сериозни предлози“ кои ја земаат предвид „ситуацијата на теренот“, мислејќи на руската анексија на четири украински региони, по референдумите на тамошното мнозинско руско и рускојазично население кои меѓународната заедница не ги признава, иако ниту еден од нив не е целосно под контрола на руската војска. Тоа го подразбира и прашањето на црноморскиот полуостров Крим, каде руско население во огромно мнозинство по превратот во Киев во март 2014 година одржа два референдума со кое ја врати укинатата во раните 1990-ти автономија и приклучување на Руската Федерација од чија територија е префрлена во Советска Украина во 1953 година со указ на тогашниот советски челник Никита Хрушчов, со украинско потекло.
„Украина и нејзините западни покровители не размислуваат за мир“, рече таа, наведувајќи го упадот на Украина во јужниот руски регион Курск минатиот месец и упорното барање на Зеленски на Киев да му биде дозволено да користи западно оружје со долг дострел за да гаѓа цели длабоко на руската територија.
Пред „самитот“ во јуни, Владимир Путин ги истакна условите за преговори со Украина, вклучително и дека Киев мора се откаже од сите четири региони на кои право полага Москва, да се демилитаризира и да се откаже од амбициите да ја внесе земјата во евроатлантските колективни организации.
Зеленски, кој се повлече од веќе постигниот договор за мир уште на крајот од март 2022 година (еден месец по почетокот на руската инвазија) и во 2023 година предлогот на Кина за мир кој зборуваше за суверенитет и територијален интегрите на Украина, ја заснова позицијата на Киев на таканарачената „формулата за мир“ претставена кон крајот на 2022 година, која вклучува повлекување на руските трупи, враќање на постсоветските граници на Украина и воспоставување механизам за да се бара одговорност од Москва за инвазијата.
Од неодамна украинскиот претседател Володимир Зеленски го промовира неговиот „план за победа“ (над Русија) кој има цел да донесе мир во Украина, да ја одржи земјата силна и да избегне „замрзнување на конфликтот“, сега е завршен по долги консултации. Зеленски во август вети дека ќе му го претстави својот план на американскиот претседател Џо Бајден, веројатно следната седмица кога ќе присуствува на седниците на Советот за безбедност и на Генералното собрание при Обединетите нации.
Зеленски не открива детали, туку само посочува дека целта е да се создадат услови прифатливи за Украина. Претходно оваа седмица Зеленски рече и дека нема алтернатива за мирот, „нема замрзнување на војната или какви и да се манипулации што ќе ја воведат руската агресија во втората фаза“. Украинскиот претседател претходно во вторникот рече дека средбата со највисоките команданти произвела „добра и силна содржина“ во воена смисла, „токму онаква што може значително да ја зајакне Украина“.