Порачуваш јакна број 38, добиваш број 46 и обратно. Патики бела боја, ти стигнуваат црни. Чекаш туника, ти испорачуваат џемперче за деца. Се спремаш за свадба и нарачуваш свечен долг фустан без ракави, ти доаѓа пратка со кус црвен фустан со долги ракави…Чешмата за купатило само што си ја отпакувал, ти пука цевката во рака на сите страни…
Денеска сѐ помасовно е купување без да го видиш и да го провериш производот или народски кажано, купуваш „мачка во вреќа“.
Вакви примери со кои се соочуваат голем број граѓани со своите онлајн порачките (чест на исклучоци) може да се набројуваат до сто и една и назад. На социјалните мрежи, Фејсбук и Инстаграм, секојдневно се читаат реакции од незадоволни и измамени граѓани кои ги објавуваат и фирмите од каде нарачале, со предупредување до други потенцијални купувачи, да внимаваат и да не нарачуваат од таму, затоа што, едноставно, ќе бидат излажани.
Сведоци сме дека бројни домашни фирми нудат онлајн продажба на разни стоки, од козметика, облека, апарати за домаќинство, бела техника, секаква покуќнина и мебел, па и храна, лекови, витамини, обувки… буквално сѐ и сешто.
Но, многу често, едно се нуди и покажува на сликата, а друго се испорачува на домашна адреса на купувачот.
Притоа, фискална сметка не се издава, со ретки исклучоци, па сѐ функционира по системот: „пари на рака, мара за рака“, односно исплата во кеш на испорачувачот, чија обврска е само тоа, да испорача до домашна адреса.
Познато е дека онлајн нарачките во државава зедоа силен замав пред неколку години, во времето на ковид пандемијата кога народот поради самоизолација, немаше ниту време, ниту можност да шета по продавници.
Од тогаш наваму, овој начин на пазарење зема сѐ поголем замав и стана дел од секојдневниот живот на Македонците чие време за шопинг станува сѐ покусо.
Истовремено, сѐ поголем е бројот на измамени граѓани, кои едно нарачале, а добиле нешто сосема друго. Веќе ги дале парите и не знаат како да си ги вратат назад, заедно со призводот кој не го нарачале.
Како да го сторат тоа? Ова прашање си ги поставуваат оштетените, а малкумина и знаат каде да се обратат во случај на онлајн измама. Прво се обидуваат со испраќање пораки до фирмата или со телефонско јавување до неа, да реагираат и да ја средат работата. Но, најчесто е тоа без резултат.
Има институции во државава кои се надлежни да реагираат во случаи на онлајн измами.
Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) е таа која ги евидентира поплаките од граѓаните. Според нивни податоци, само во 2021 и во 2022 имаат добиено над 420 поплаки од потрошувачи во делот на онлајн купувањето. Најмногу биле за техничките карактеристики на производите, доставувањето оштетен производ или откажување на нарачката, потоа производ во различна боја, друга големина, доставување различен производ од оној на описот на сликите, неиздавање гаранција, неиздавање на фискална сметка или фактура за плаќање и друго.
Според ОПМ, во земјава сѐ уште нема механизам со кој би се спречиле онлајн измамите, а она што единствено можат да се понудат е поголема едукација на граѓаните, односно, добро да отворат очи и да проверуваат што и од каде купуваат. Од таму објаснуваат дека кај нас се уште нема конкретен механизам за да се спречат лица да прават профили на социјални мрежи и да продаваат производи, преку лажен профил или лажно име на некоја онлајн продавница. Измамата од овие нерегистрирани продавачи на социјалните мрежи е голема, а ОПМ им нуди совети на граѓани кои планираат онлајн нарачка или се веќе оштетени.
Според спроведена анкета од ОПМ, дури 60% од потрошувачите кои се одлучиле за онлајн купување се соочиле со некаков проблем, а 39% се изјасниле дека немале проблеми при онлајн купувањето. Голем процент кои се изјасниле дека се соочиле со проблем при онлајн купувањето, односно 26% од нив, се пожалиле на несоодветен квалитет на производот, а на 16% од испитаници производот им бил испорачан надвор од предвидениот рок во договорот со продавачот. 14% од испитаните немале начин да го вратат производот и да си ги вратат парите, поради тоа што не можеле да воспостават контакт со продавачот поради негова недостапност. На 13% од потрошувачите нарачаниот/купениот производ воопшто не им бил доставен, а ист процент одговориле дека испорачаниот производ според неговите карактеристики воопшто не одговара со нарачаниот (различен модел, боја, големина и сл.).
Во случаи, пак, на злоупотреба на лични податоци на граѓани, банкарски картички и слично, тоа треба да се пријави во МВР, во Секторот за компјутерски криминал и во Агенцијата за заштита на личните податоци.
Ако , пак, потрошувачот при онлајн купувањето има доказ за извршено плаќање (фискална сметка, фактура), а притоа е измамен од продавачот, може да го пријави во Државниот пазарен инспекторат ДПИ.
Сепак, ако станува збор за нерегистрирана, „дива“ фирми, односно за поединец кој од домашна адреса испорачува разни приизводи, а такви има многу, залудно е сѐ. Бидејќи, ДПИ може да реагираа соодветно само ако фирмата е регистрирана и издала фискална сметка која служи како доказ. Во спротивно ДПИ како институција нема законска надлежност да реагира.
Најчесто оние кои продаваат преку социјални мрежи не се регистрирани како трговци, па поради тоа е невозможно да се пронајдат ниту пак, ДПИ има ингеренции да постапи според поднесена пријава. Со други зборови,законски Пазарниот инспекторат нема надлежност да врши надзор во домашен имот.
„ДПИ е надлежен за онлајн измами според Законот за е-трговија и тоа според член 7, односно за да може да постапи, трговецот треба да е регистриран на адреса поинаква од домашната, бидејќи Пазарниот инспекторат нема надлежност да врши надзор во домашен односно приватен имот“, стои во Законот.
ОПМ и АЕТМ апелираат на самозаштита при онлајн купување
Официјалните е-трговски фирми во земјава кои продаваат онлајн производи се дел од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, АЕТМ. За надминување на лажните онлајн трговци и појави, а со тоа и со цел да се намали сивата економија во е-трговијата и да се заштитат потрошувачите, АЕТМ и ОПМ годинава во април потпишаа меморандум за соработка. Од АЕТМ притоа, истакнаа дека во изминатите неколку години се преземаат активности за адресирање на овој проблем, а главниот фокус во последната година е ставен на само-заштитата односно едуцирање на потрошувачите.
Според последни податоци од АЕТМ, македонските потрошувачи во минатата година потрошиле вкупно 649,3 милиони евра за разни онлајн клупувања во државата и во странство. Ова бројка е за 18 отсто повисока во однос на 2022 година.
Вкупниот број на трансакции е зголемен во однос на 2022 година за 15,2 отсто, односно биле направени 19,29 милиони трансакции во текот на минатата година.
Физичките лица доминираат како главни потрошувачи на онлајн пазарите и тие ги прават 70,2 отсто од онлајн трансакциите.
Просечната вредност на онлајн трансакциите изнесувала 33,7 евра.
Забележано е намалување во однос на трансакциите кон домашните е-трговци, на сметка на зголемениот раст на вредноста на е-трансакции кон странски-трговци. Учеството кон домашните е-трговци изнесувало 72 отсто од сите трансакции во 2022 година, а во 2023 таа бројка е 70 отсто.
Вкупната вредност на парите слеани кон домашните е-трговци изнесува 453.6 милиони евра што претставува пораст од 15,2 отсто во однос на претходната година.
Во Народната банка на РС Македонија регистрирани се вкупно 1.703 виртуелни продажни места, што е за 105 повеќе од вкупниот број во 2022 година. Три четвртини од нив биле активни, односно имале барем една трансакција во текот на годината.
Од АЕТМ најавија дека агенцијата годинава ќе ја поддржи е-трговијата преку активности како што се регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативни кампањи, за да се влијае за поголема информираност, свесност и само-заштита на граѓаните.