Поранешната шампионка на Вимблдон, Елена Рибакина од Казахстан, во понеделникот објави дека ќе ги пропушти турнирите во Пекинг и Вухан поради проблеми со грбот, но дека има намера да се врати на теренот пред финалето на ВТА сезоната во Ријад во ноември.
Моментално четврторангираната светска тенисерка годинава освои титули на турнирите во Бризбејн, Абу Даби и Штутгарт, но потоа пропушти неколку турнири поради болест и повреди.
Откако стигна до полуфиналето на Вимблдон, таа се повлече од Олимписките игри во Париз поради бронхитис и од Отвореното првенство на САД во август пораи повреда на долниот дел на грбот, откако победи во натпреварот во првото коло.
„За жал, поради повреда на грбот морам да се повлечам од претстојните азиски турнири“, изјави 25-годишната Рибакина. „Мојот медицински тим и јас одлучивме дека најдобро е моето здравје да биде приоритет во овој момент.
Казахстанската тенисерка која на само неколку дена пред почетокот на УС Опен се раздели со својот долгогодишен тренер Стефан Вуков е трета во ВТА трката за финалето што се игра во Ријад од 2 до 9 ноември.
„Ова беше година полна со предизвици и благодарна сум за поддршката на организаторите на турнирот и на сите мои фанови“, додаде Рибакина. „Јас и мојот тим ќе работиме да се вратиме на теренот пред крајот на сезоната.