Жителите на јужен Либан добија повик да се евакуираат од позициите на Хезболах

Жителите на јужен Либан добија предупредувачки повици од либански број веднаш да се оддалечат на 1.000 метри од позициите што ги користи либанската шиитска вооружена групација Хезболах, извести репортер на Reuters.

Повик добил и новинарот на Reuters. Портпаролот на израелската војска, контраадмиралот Даниел Хагари, издаде слично предупредување претходно и рече дека „се дистрибуира на арапски на сите мрежи и платформи во Либан“.

„Жителите на Бејрут и неколку други региони добија предупредување на фиксната телефонска мрежа, кое потекнува од израелскиот непријател, барајќи од нив брзо да се евакуираат од позициите на кои се наоѓаат“, објави либанската државна новинска агенција NNA.

Израелската војска во понеделникот објави дека нејзините напади против Хезболах „ќе продолжат во блиска иднина“ и ќе бидат „помоќни и попрецизни“.

Либанската агенција NNA јави дека едно лице загинало, а шест се ранети во израелските воздушни напади во понеделникот наутро.