Албанскиот премиер Еди Рама најави дека албанската влада во главниот град Тирана сака да воспостави „суверена микродржава“ на членовите на шиитскиот суфиски ред на бекташите, по примерот на Ватикан, која ќе промовира умереност, толеранција и мирен соживот.
Таквата држава би заземала десет хектари на територијата на Тирана и би служела како духовен дом за муслиманите бекташи, четвртата по големина верска заедница во Албанија по сунитските муслимани, православните христијани и католиците.
„Би сакале да ја поддржиме трансформацијата на Светскиот центар на бекташите во Тирана во суверена држава, во нов центар на умереност, толеранција и мирен соживот“, рече Рама во неделата во говорот одржан на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Според пописот од 2023 година, бекташите сочинуваат околу 10 отсто од населението во Албанија. Од вкупно 2,4 милиони жители на Албанија, нешто помалку од 50 отсто се муслимани.
Основан во XII век во Отоманската империја, овој религиозен ред се смета за толерантна и мистична гранка на исламот, која е отворена за другите религии и филозофии.
Некои од нејзините најважни водачи се населиле во Албанија откако нивната работа била забранета во Турција на почетокот на XX век. Еден од нив, Исмаил Ќемали, прогласи независност на Албанија од Отоманската империја во 1912 година.
Бекташкиот ред од Тирана ја поздрави најавата на Рама.
„Суверенитетот на бекташкиот ред е важен чекор во зајакнувањето на вредностите на инклузивност, верска хармонија и дијалог во сè поделениот свет“, се наведува во нивното соопштение за печатот и се додава дека нивниот ред треба „да добие суверенитет сличен на оној на Ватикан“.
Државјанство во идната држава ќе добиваат само членовите на свештенството и неговата администрација. Владата ќе биде предводена од водачот на редот и советот кој ќе ги надгледува нејзините верски и административни активности.
Новата држава ќе ја зазема истата област што сега ја зазема Светскиот бекташки центар, поточно „околу десет хектари“ или околу една четвртина од површината на Ватикан. Во соопштението за меиуми на заедницата се вели и дека нејзината „единствена цел ќе биде духовно водство“.
Сѐ уште не се познати роковите и начинот на кој ќе биде прогласена оваа нова микродржава и како ќе функционира.