Тинејџер повреди тројца ученици, ги нападнал со чекан во училиште во Русија

Тринаесетгодишен гимназијалец нападнал со чекан и нож свои соученици во училиште во Иркутската област во Сибир и повредил тројца ученици, по што самиот си нанел повреди, соопштија локалните руски власти. Ова се случува неколку дена по сличен инцидент на Урал.

Утрово, пред часот по физичко воспитување, „13-годишен ученик од гимназијата удрил со чекан тројца свои соученици“ во училиште во Балаганск, по што бил совладан од наставникот по физичко, напиша локалниот министер за образование Максим Парфјонов во објава на Телеграм.

– Повредените веднаш добија соодветна медицинска помош и нивниот живот не е во опасност, додаде тој.

Руските власти започнаа истрага за „обид за убиство на две или повеќе малолетни лица“ и „небрежност“.

Минатиот понеделник четири лица лица – две девојчиња, едно момче и еден наставник – беа повредени од 13-годишен ученик кој исто така ги нападна со чекан во училиште во Чељабинск, на Урал.

Тогаш регионалните власти наредија проверка на безбедноста во сите училишта во регионот.

Мотивите на двата напаѓачи во овие два одвоени инциденти сѐ уште не се јасни, но според неколку извештаи во руските медиуми, учениците учествувале во интернет игра и планирале самоубиство по нападите.