Министерот за локална самоуправа Златко Перински, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека градоначалничката функција во главниот град е убав предизвик и оти се надева дека во иднина неговите перформанси кои ќе ги даде работејќи како министер можеби ќе бидат причина да биде кандидат за градоначалничката позиција во Скопје. Дополнително, вели дека градоначалничкото столче е посакувана опција, но не е загарантирана.
„Можеби е логично и моето име да се врти во овие кругови како потенцијален кандидат за градоначалник на Град Скопје со оглед на позицијата која во моментов ја извршувам. Сепак, нашиот капацитет треба да се мери врз основа на тоа што сте го понудиле досега“, рече Перински.
Вели и дека иако се гледа како потенцијален кандидат за градоначалник, доколку некој друг биде избран од партиското раководство, тој ќе го поддржи, додавајќи дека лично му претставува чест што сега е дел од Владата и дека се надева оти ќе ги оправда очекувањата како министер за локална самоуправа.
Досега двајца актуелни градоначалници на скопски општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Орце Ѓорѓиевски од Кисела Вода и Бобан Стефковски од Гази Баба, отворено кажаа дека имаат амбиција во 2025 година да влезат во трката за градоначалник на Град Скопје, а во некои кругови како потенцијално заинтересиран се спомнува и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, исто така, член на владејачката партија.