Во општина Ѓорче Петров, на вкупна површина од 476 м², со димензии 27,40 x 15,6 метри и максимална височина до 12,4 метри, денеска стартуваше со изградба училишната спортска сала во подрачното училиште во Хром „Димитар Поп Георгиев – Беровски“.
Почетокот на изградбата на салата го означија градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерот за образование и наука Весна Јаневска.
-Десет години по изградбата на училиштето, оваа локална власт конечно изнајде решение за долгогодишниот проблем на родителите и децата од Хром кои немаа соодветни услови за спортско образование. Оваа пространа сала ќе понуди соодветни услови за различни спортски активности. Изградбата ќе се спроведе со користење на енергетски ефикасни и еколошки материјали, што ја прави оваа сала не само функционална, туку и одржлива на долг рок – изјави Стојкоски.
Инвеститор на проектот е Општина Ѓорче Петров со вкупна инвестиција од 20.000.000,00 денари.
Предвидена е изградба и на паркинг-простор со 30 места за вработените и посетителите. Новата пешачка патека која исто така е во план за изградба ќе обезбеди лесен и безбеден пристап до училиштето и училишниот двор.
-Денеска е важен ден за учениците од Хром. Нашите заложби зa квалитетно образование остануваат наш приоритет. Сите училишта од Ѓорче Петров во текот на следната година ќе бидат опфатени со реконструтивни зафати, што значи решавање на децениски недостиг со капацитети за настава. Продолжуваме активно да работиме на подобрување на условите за настава, но и за физичко образование, рекреација и спортски активности – додаде Стојкоски.