Израел го обвини Гутереш дека не презема ништо за да ги спречи нападите на Хезболах

Израел во вторникот го обвини генералниот секретар на Обединеите нации дека не презема ништо за да ги „спречи нападите на Хезболах“ на негова територија, откако Антонио Гутереш ја спореди израелската војна против Хамас во паленстинската енклава Појасот Газа со „ноепрекинат кошмар“ што се заканува да го одведе и Либан во хаос.

„Кошмарот за кој зборувате е реалност. Таа реалност е дека Хезболах го зеде Либан како заложник и дека ОН не го признаваат она што (Хезболах) го прави и повеќе не ги исполнуваат своите основни задачи: да ги спречат нападите на Хезболах и да бараат спроведувањето на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност“, напиша израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на X споменувајќи ја резолуцијата која стави крај на војната меѓу Израел и либанското шиитско движење во 2006 година кога израелската војска ги доживеа најголемите загуби во историјата на израелско-арпаските војни а во самата еврејска држава многумина ја доживеаја како воен пораз,

Гутереш претходно ги предупреди челниците собрани во Њујорк на Генералното собрание на ОН дека „Либан е на работ на колапс“.

„Газа е кошмар кој се заканува да го вовлече целиот регион во хаос, израелскиот народ и целиот свет не смеат да дозволат Либан да стане уште една Газа. Сите треба да бидеме вознемирени од оваа ескалација. Либан е на работ на колапс“, рече првиот човек на ОН.

Израелската армија во вторникот вечерта објави дека либанскиот Хезболах истрелал околу 300 ракети во текот на денот на израелска територија, откако претходно соопшти дека израелските воздухопловни сили ги гаѓале позициите на исламистичкото движење во Либан.

„Денеска беа истрелани околу 300 ракети на израелска територија, при што беа повредени шест цивили и војници, од кои повеќето лесно“, изјави портпаролот на армијата Даниел Хагари на брифинг со новинарите.

Истовремено, либанскиот министер за здравство Фирас Абијадтелс за Ал Џезира изјави дека во понеделникот во израелските напади врз Либан загинале најмалку 569 луѓе, меѓу кои 50 деца и 94 жени.

Ова е најсмртоносниот ден во Либан во речиси една година размена на оган меѓу двете страни, паралелно со војната што се води во Газа.