Утре, петок – 27 септември 2024 г., Здружение на граѓани Еко Логик од Скопје организира панел дискусија насловена: Зошто граѓанска наука во образованието?
Панелот на кој ќе учествуваат претставници на граѓански организации, средни училишта итн., има за цел да поттикне дискусија за важноста на еко активизмот и вклученоста на средните училишта и средношколците во активности за следење, истражување и решавањето на локалните проблеми со животната средина, како и значењето на медиумската писменост за активно граѓанство.
Панел дискусијата е дел од проектот Хаб на истражувачи кој, Еко Логик го спроведува со поддршка на Амбасадата на САД во земјата, а кој има за цел да ја промовира граѓанската наука во заштита на животната средина, образованието за животната средина во средните училишта, како и да поттикне поголема вклученост на средношколците во еко акции, дискусии и истражувања.
Претходно, во периодот од 20. до 22. септември, здружението организираше тридневна обука за зазеленување и вмрежување на општините, на која учествуваа претставници на различни сектори и одделенија од 6 скопски општини и општина Кочани, како и камп за граѓанска наука во кој учествуваа седумдесетина млади од Скопје и Кочани.