Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. во „Клик Плус“ на ТВ21 вечерва зборуваше за унгарскиот заем, кој ќе биде поделен на општините за реализација на проекти. Тој рече дека ако во минатото парите од власта се делеа на оние општини кои се од иста партија со владеачката структура, сега нема да биде така, односно парите ќе се делат по формула и секоја општина ќе го добие она што му следува за реализација на проектите.
„Сите општини со проекти имаат аплицирано за унгарскиот кредит“, кажа Ѓорѓиевски и додаде дека наскоро се очекува да се среди целиот процес.
„Дел од општините испратија по електронски пат, дел по пошта целата документација, и верувам дека ќе заврши и процесот на еваулација на проектите, и ќе можеме да почнеме со тендерски постапки. Од општината Кисела Вода аплициравме со пет проекти, пет повеќе децениски проблеми кои ги мачеа нашите сограѓани“, рече Ѓорѓиевски.
И градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов гостуваше во емисијата. Двајцата соговорници едногласно се сложија дека е катастрофално да се зборува за немање на канализација и основни услови за живот во некои општини во 21. век.
„Катастрофално е да зборуваме дека во 21 век некои општини немаат канализација“, изјави Ѓорѓиевски.
„Најмногу 30% државата е покриена со канализација. Тоа е трагично. Во многу општини граѓаните немаат основни услови за живот“, рече Костадинов.