Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржа третиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци. Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените Студии, активностите на полето на меѓународната соработка.
На состанокот беа презентирани и наодите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2023 година. Анализата содржи податоци за економското работење на радиодифузерите, односно податоци за вкупните приходи, вкупните трошоци, финансискиот резултат од работењето и просечниот број на вработени. Јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните радиодифузери заедно оствариле приходи во износ од 2.458,57 милиони денари, од кои 1,000.44 се приходите на Македонската радиотелевизија; 1,272.63 на телевизиите и 185.50 радиостаниците. Средствата кои заедно ги потрошиле јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните радиодифузери изнесувале 2.708,21 милион денари. Добивка оствариле само комерцијалните радија, во износ од 10,15 милиони денари. Македонската радиотелевизија работелa со загуба од 131,77 милиони денари, a комерцијалните телевизии со загуба од 139,55 милиони денари.
Во продолжение се дискутираше за анализата на родовата структура на сопственоста на телевизиите и радијата во периодот од 2020 до 2023 година, како и за родовата структура кај вработените во радиодифузерите во периодот од 2019 до 2022 година. Наодите покажаа дека мажите биле побројни од жените во сите анализирани години посебно на управителските/директорските позиции, техничкиот и реализаторскиот кадар, наспроти новинарките кои биле традиционално побројни од новинарите. Податоците покажуваат одредено присуство на таканаречениот „стаклен плафон“ кој е показател за постоењето на неформални граници кои го прават тешко издигнувањето на жените на повисоките работни места, а со тоа и нивно учество во процесите на носење одлуки.