Со презентација на Водич за активна транспарентност на политичките партии во земјава, Агенција за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер (АСПИ) денеска го одбележа Меѓународниот ден на слободен пристап до информации – 28 септември.
Водичот за активна транспарентност на политичките партии во Република Северна Македонија, како и компаративни примери на активна транспарентност од европски земји е изработен од м-р Константин Битраков, асистент на Катедра по административно право и јавна администрација при Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер (АСПИ) во изјава за медиумите истакна дека над четиригодишната примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на површина ја извлекла потребата од подготовка на еден ваков документ од причина што, како што рече, во пракса различно се толкувало одредбата во делот на приходи и расходи.
-Република Северна Македонија е една од ретките земји во која во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во дефиницијата на иматели на информации покрај останатите иматели се запишани и политичките партии како иматели на информации во делот на приходи и расходи. Досегашната примена од повеќе од четири години на Законот за слободен пристап до информации со јавен карактер ја извлече на површина потребата од подготовка на еден ваков документ од причина што во пракса различно се толкуваше одредбата во делот на приходи и расходи, рече таа.
Бојчева нагласи дека водичот е еден документ кој може многу да им користи на политичките партии во зголемувањето на нивото на транспарентност и во нивното објавување на информации што повеќе самоиницијативно навремено ажурирање на што поголем број на информации кои ги создаваат и со кои располагаат политичките партии бидејќи тие се активен чинител на нашето општество.
-Во водичот таксативно се наброени информациите кои што треба да ги објавуваат политичките партии, меѓутоа тоа не значи и не треба да се сфати дека со тоа се исцрпува таа листа на информации што треба политичките партии ги објавуваат. Квалитетот и квантитетот на информации кои што треба да ги објавуваат политичките партии ќе зависи и од интересот на граѓаните, рече таа.
Одговарајќи на новинарско прашање, Бојчева потенцира дека барањата до институциите се поднесуваат на начин на кој на барателот му одговара.
-Една од основните надлежности на Агенцијата е да спроведуваме обуки. Тоа редовно го правиме и ги каниме на обуки сите службени лица. Дел од нашите обуки е токму приемот на барањата за пристап од информации од јавен карактер. Барањата се поднесуваат на начин на кој што на барателот му одговара – дали тоа ќе биде електронски, по пошта, лично во архива, е избор на барателот. Законот дозволува, дава можност и ние ја поттикнуваме таа пракса да се поднесуваат барањата електронски. Не гледам причина зошто во некоја институција би се барало лично. Законот за општо управна постапка, постапувањето по барање за пристап до информации е управна постапка и ги уредува тие начини на поднесување на барање без разлика и на барањето за пристап до информации. Имајќи во предвид значењето на пристапот до информации, ние го промовираме електронското барање и електронската комуникација заради експедитивност, истакна директорката на АСПИ, Бојчева.