Германските институти речиси ја преполовија прогнозата за економски раст во 2025-та

Германската економија ќе порасне многу послаб од очекуваното во 2025 година, процени групата водечки економски институти, малку намалувајќи ја прогнозата за оваа година, која сега покажува маргинален пад на активноста.

За 2025 година, институтите сега предвидуваат економски раст од само 0,8 отсто, намалувајќи ја прогнозата од март за 0,6 процентни поени.

Годинава, според последната проценка, економијата треба да се намали за 0,1 отсто, по падот од 0,3 отсто во 2023 година, пресметаа истите извори. Уште пред шест месеци за годинава предвидуваа слаб раст на активноста од 0,1 отсто. Од март минатата година, тие ја намалија проценката за 2024 година за цели 1,4 процентни поени.

Во 2026 година, според нивната прва проценка, активноста треба да расте со стапка од 1,3 отсто, се вели во извештајот преставен во четвртокот.

Прогнозите беа составени од Институтот за економски истражувања Ifo од Минхен, Берлинскиот институт DIW, Килскиот институт за светска економија (IfW), Институтот за економија Хале (IWH) и Институтот Лајбниц (RWI) во Есен.

„Покрај падот на активноста, германската економија е оптоварена и со структурни промени“, вели Џералдин Дани-Кнедлик од DIW.

„Декарбонизацијата, дигитализацијата и демографските промени, заедно со посилната конкуренција од компаниите од Кина, поттикнаа процеси на структурно прилагодување што ги намалуваат изгледите за долгорочен раст на германската економија“, додава Дани-Кнедлик.

Структурните промени и економскиот пад особено ја погодуваат индустријата, според предвидувањата на групата институти.

Конкурентноста на производителите на капитални добра и индустриските компании, големите потрошувачи на енергија, трпи поради повисоките трошоци за енергија и сѐ посилната конкуренција од висококвалитетните индустриски производи од Кина, кои според економистите го истиснуваат германскиот извоз на светските пазари.

Упорно високите каматни стапки и високиот степен на економска и геополитичка несигурност, пак, ја закочуваат инвестициската активност, а домаќинствата штедат повеќе, намалувајќи ја потрошувачката, се вели во извештајот на групата институти.

Товар претставува и континуираната политичка неизвесност во Германија и повеќестраните препукувања во трипартиската коалиција на канцеларот Олаф Шолц во врска со намалувањето на буџетот за 2025 година.

Предложениот пакет за намалување на даноците и други мерки за зајакнување на економијата содржи неколку ветувачки мерки, но тие се уште се далеку од реализација, нагласуваат институтите, а тоа значи дека нема да ја намали неизвесноста кај компаниите и граѓаните, кои се загрижени за работните места, како што покажа истражувањето на GfK и институтот HIM.

Стапката на невработеност годинава треба да биде 6,0 отсто, пресмета институтската група, зголемувајќи ја проценката од март за 0,2 процентни поени. Во 2025 година треба да остане на тоа ниво, оценуваат тие, зголемувајќи ја пролетната прогноза за половина процентен поен.

Во 2023 година таа изнесуваше 5,7 отсто, покажува извештајот.