Нападнати ученици во Сарај додека биле на екскурзија

Ученици од основно училиште од Ѓорче Петров вчера биле физички нападнати од повеќе лица додека биле на екскурзија во Сарај. Напаѓачите против децата употребиле и метални предмети.

Кога реагирале учителките на децата, напаѓачите им се заканиле и заминале. Нападот во полиција го пријавиле родители на децата.

„На 27.9.2024 во 15.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, И.К. и Ј.Г., двајцата од Скопје, пријавиле дека нивните малолетни деца, додека биле на екскурзија во Спортско-рекреативниот центар Сарај, организирана од основно училиште од Скопје, биле физички нападнати од неколку лица, кои употребиле и метални предмети. Според пријавеното, кога учителките на децата реагирале, напаѓачите им се заканиле и заминале. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, соопшти денеска полицијата.