Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на светата литургија по повод еден век од осветувањето на црквата Света Петка во Црниче, со која чиноначалствуваше Архиепископот Oхридски и Mакедонски г.г. Стефан и македонското свештенство. Црквата неодамна беше реновирана. Партерно е уредена, а освежена и е и фасадата.
-Еден век од осветувањето на црквата Света Петка во Црниче – нека е за многу години! Ми беше огромна чест да бидам дел од овој голем ден за сите православни верници, а уште поголема е честа да бидам дел од оваа приказна. Бог благослови да стогодишнината од постоењето ја дочекаме реконструиран храм Света Петка, партерно уреден и со освежена фасада.
Секогаш, колку што се моите можности ќе помагам и ќе се залагам за нашите македонски храмови, бидејќи токму во нив е мирот и сплотеноста на нашиот народ. Во преполниот храм, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствувавме на светата литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Oхридски и Mакедонски г.г. Стефан и македонското свештенство. Овој храм, кој се наоѓа во подножјето на планинита Водно, во населбата Црниче во Скопје, во 1904 е поставен камен темелник за изградба, посветен на преподобна Параскева-Петка. За 20 години бил изграден прекрасен Божји дом. Постои камен плоча на која може да се прочита дека храмот бил довршен и осветен на 3 септември 1923 година. Живописот и иконописот му биле доверени на последниот и најдобар зограф на тоа време Димитар Андонов Папрадишки. Во 1924 година, комплетно го завршил зографирањето и иконографијата на храмот. Црквата е молитвен дом на многу православни христијани кои преку верата во Бога и молитвите на Света Петка добиваат исцеление на многу душевни и телесни болести. Денес, 100 години подоцна, сведочиме на еден прекрасен јубилеј. Нека е за многу години и нека таму, во Божјите храмови се шири љубов и сплотува нашиот народ-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.