Не се знае во чие владение е Универзалната сала

Министерството за култура во минатата влада незаконски ја презело Универзална сала од Град Скопје затоа што по закон тоа не може да гради објект што е локална установа.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека против сите инволвирани ќе бидат поднесени кривични пријави „за сите криминали“ што се направени.

Во моментов Универзална Сала е како ничија земја. Одземена од Град Скопје, но не и во владение на министерството. Љутков вели дека набрзо треба да има разрешница и план што да се прави со симболот на Скопје. Неговата намера е да и ја врати во владение на градоначалничката Данела Арсовска , односно градот повторно да стопанисува со овој објект.

Министерството за култура минатата година ја презема Универзална Сала по бројни натегања со градоначалничката Данела Арсовска, која ги стопираше градежните работи  и рече дека проектот е небезбеден.

Реновирањето на Универзална сала се планираше повеќе од 15 години, во кои копјата се кршеа околу нејзиниот изглед, за на крај да се одлучи таа да се реновира во оригиналната форма. 9 години беше затворена и оставена на забот на времето. Универзална сала се запали на 9-ти април годинава, само еден месец откако по повеќегодишна пауза, конечно продолжи нејзината реконструкција.

Во моментов, втората фаза од градбата на Универзална е стопирана. Планот е пречките да се отклонат, изградбата да продолжи и да финишира за до 2028 година, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата, главниот град да има современ објект од областа на културата според сите стандарди.