Инфлацијата во Германија забави во септември

Инфлацијата во Германија забави во септември, како одраз на поостриот пад на цените на енергијата, покажаа во понеделникот објавените прелиминарни податоци на заводот за статистика.

Потрошувачките цени последниот месец се повисоки за 1,6 отсто во однос на истиот месец лани. Во август тие беа повисоки за 1,9 отсто, покажува извештајот.

Промените на цените не се забележани во однос на август, кога тие се лизнаа за 0,1 отсто, покажуваат првичните пресметки на заводот за статистика.

Без цените на храната и енергијата, годишната стапка на инфлација изнесува 2,7 отсто, пресметал Destatis, нешто пониска од август.

На годишно ниво најмногу паднале цените на енергијата и моторните горива за домаќинствата и тоа за 7,6 отсто. Во август тие беа пониски за 5,1 отсто.

Цените на стоките речиси стагнираа, како и во август.

Услугите, пак, во септември поскапеле за 3,8 отсто во однос на истиот месец лани, речиси исто како и на крајот на летото. Цените на храната, пак, забележаа маргинално забрзување, со годишна стапка на раст од 1,6 отсто.

Според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HIPC), кој се користи за полесна споредба меѓу земјите од ЕУ, цените во најголемата европска економија во септември пораснале за 1,8 отсто на годишно ниво, по растот од 2 отсто во август.

На месечно ниво тие се намалени за 0,1 отсто, за половина повеќе од крајот на летото, пресмета заводот за статистика.

Во сите шест клучни сојузни покраини, растот на цените беше поблаг отколку во август, но со големи разлики. Највисока стапка на инфлација е забележана во Саксонија, каде што изнесува 2,4 отсто, пред сѐ, поради двоцифрениот пораст на цените на осигурувањето.

Натпросечен раст е забележан и во Баварија, со стапка на инфлација од 1,9 отсто и напомена на баварскиот завод за статистика дека пивото во угостителството поскапело за 2,9 отсто, а месните оброци за дури 7,3 отсто.

Убедливо најблаг раст на цените е забележан во Хесен, за само 1,2 отсто во споредба со ланскиот септември, со приближно 11 отсто пониски цени на енергијата.