Израелската војска во вторникот потврди дека започнала „ограничени, локализирани и насочени“ напади врз цели на шиитското движење Хезболах во пограничната област на јужен Либан.
Израелската војска соопшти дека израелските воздушни сили и артилерија ги поддржуваат копнените сили со прецизни напади врз воени цели. Објави, исто така, дека целите се наоѓаат во селата во близина на границата и според неа претставуваат непосредна закана за израелските заедници во северен Израел.
„Во согласност со одлуките на политичкиот ешалон, пред неколку часа, израелската војска започна ограничени, локализирани и насочени рации, врз основа на точни разузнавачки информации, против цели и инфраструктура на терористите на Хезболах во јужен Либан“, соопшти армијата на својот канал на платформата Telegram.
Како што нагласи прес-службата, армијата дејствува врз основа на плановите развиени од Генералштабот и Северната команда, за чие спроведување израелскиот воен персонал „се подготвуваше во последните месеци“. Акциите на копнените сили се поддржани од израелските воздухопловни сили и артилерија, изведувајќи „прецизни напади врз воени цели во областа“.
„Овие акции се одобрени и се спроведуваат во согласност со одлуката на политичкото раководство. Операцијата ‘Стрели на северот“ (започната на 23-ти септември врз Либан) ќе продолжи во согласност со проценката на ситуацијата паралелно со борбите во Газа и на други места. Израеслата војска продолжува да дејствува за да ги постигне воени цели и прави сѐ што е потребно за да ги заштити граѓаните на Израел и да ги врати жителите на северен Израел во нивните домови“, соопшти војската.
Како што претходно објави израелскиот портал Ynet, израелскиот воено-политички кабинет одобрил нова етапа од операцијата во Либан. Во исто време, некои министри го осудиле „протекувањето на информациите за операцијата“ од американска страна откако Тел Авив го известил Вашингтон за своите планови.
Претходно израелската армија прогласи дел од територијата долж границата со Либан за затворена воена зона. Во исто време, медиумите објавија дека израелските сили спроведуваат масовен артилериски оган врз пограничните области на Либан, а либанската армија се повлече од неколку позиции на југот на земјата.
Истовремено американската NBC News известува дека израелската војска веќе започнала извидувачки операции, вклучително и мали копнени операции во кои учествуваат специјални сили, а исто така распоредила околу пет бригади но „не се очекува сите да ја преминат границата“.
Нешто по полноќ во вторникот, Reuters извести масивни последователни експлозии се слушнале низ либанскиот главен град Бејрут.
Претходно беше објавено дека најмалку два израелски проектила ги погодиле јужните предградија на Бејрут. Израелската војска предупредила еден час претходно дека ќе гаѓа одредени згради во густо населените јужни предградија, тврдејќи дека тие наводно се користат како објекти од вооружената група Хезболах и им порача на жителите да си заминат.
Стравувањата од копнена инвазија се зголемија во понеделникот вечерта кога либанските трупи се повлекоа од границата со Израел, а американски официјални претставници изјавија за медиумите дека САД биле известени од Израел дека во следните неколку часа израелските трупи ќе изведат ограничена копнена операција во Либан.
Хезболах претхоно во вторникот дека е подготвен да се соочи со претстојната копнена израелска офанзива и дека цели на израелските војници кои се движат низ либанските погранични градови.