Нови рекорди на Волстрит

На Волстрит во понеделникот S&P 500 и Dow Jones индексите достигнаа нови рекордни нивоа, иако претседателот на американската централна банка Џером Пауел изјави дека Fed не треба да брза со намалување на каматните стапки.

Индексот Dow Jones зајакна 0,04 отсто, на 42.330 поени, додека S&P 500 порасна за 0,42 отсто, на 5.762 поени, а индексот Nasdaq 0,38 отсто, на 18.189 поени.

Во фокусот на инвеститорите вчера беше говорот на претседателот на Fed, Пауел на собирот на економисти на кој рече дека нема потреба централната банка да брза со намалување на каматните стапки. Тој рече дека очекува до крајот на годинава каматните стапки да се намалат за вкупно 0,50 процентни поени бидејќи состојбите во економијата се одвиваат според очекувањата.

Со намалувањето на инфлацијата во САД, Fed неодамна започна циклус на олабавување на монетарната политика со намалување на каматните стапки за 0,50 процентни поени.

Ваквото агресивно намалување предизвика шпекулации на пазарот дека и централната банка ќе ги намали каматните стапки за 0,50 процентни поени во ноември, а за дополнителни 0,25 поени во декември. Но, по коментарите на Пауел, тие шпекулации стивнаа.

И покрај ова, индексите вчера пораснаа, па забележаа значителни добивки во цел септември. Така, S&P 500 порасна петти месец по ред во септември, за 2 отсто. Во целиот трет квартал тој скокна за 5,5 отсто, додека Dow Jones во тој период порасна за повеќе од 8 отсто, а Nasdaq индексот за околу 2,5 отсто.