Владата на СДСМ и ДУИ набавувала милионски софтвери кои не се користат, а се платени, открива Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
– Според Извештајот на ДЗР за 2021 година, изготвен во 2023 година се вели дека во деловните книги на Владата евидентирани се софтвери и лиценци во вкупен износ од 576.514.000 денари, од кои дел се набавени и се користат во повеќе институции од јавната администрација. Но, за дел не добиле документација дека се користат од страна на Владата или дека се дадени на користење на други институции. Тоа се 9.5 милиони евра народни пари потрошени за софтвери, од кои според ДЗР дел воопшто и не се пуштени во употреба. 9.5 милиони евра се пари со кои можеле да се направат 9 градинки, наместо истите да се фрлат за софтвери кои нема да се користат. Со 9.5 милиони евра можело да се набават 200 амбулантни возила или 100 противпожарни возила. Но наместо во неопходни средства и ресурси за државата СДСМ и ДУИ парите ги фрлале на тендери за софтвери кои никогаш и не профункционирале. Неодговорното однесување веќе е минато и никогаш не смее да се повтори – рече Лефков.