Остануваме на патот на ЕУ, но диктати, закани и уцени не прифаќам

Мицкоски во своето обраќање по повод 100 дена од работата на новата Влада, вети дека никогаш како влада нема да отстапат од реализирање на двете стратешки цели – заштита на интересите на македонскиот народ и полноправно членство во ЕУ.

„Ќе разговараме со кого било, колку што е потребно за да се дојде до компромис којшто е достоен, кој нема да ги повреди чувствата на граѓаните. Двете стратешки цели можат да се реализираат – и да се заштити интересот на македонските граѓани и да се интегираме во ЕУ, каде што од многу поодамна ни е местото“, рече Мицкоски.

Тој е дециден дека нема да има ниту една отстапка што ќе значи срам за македонските граѓани. „Вашиот интерес е наша заповед, ние ќе функционираме како ваши слуги. Нема да отстапиме од борбата, се додека сте вие нашата инспирација“, рече Мицкоски во обраќањето до граѓаните. 

Премиерот ги повтори веќе слушнатите ставови околу францускиот предлог и уставните измени, изразувајќи жалење што предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да посредува со цел да се одблокира патот кон ЕУ, е неприфалив за соседна Бугарија. „Ја сум подготвен сѐ да ставиме на маса за да го решиме ова еднаш засекогаш“, вели Мицкоски.  

Тој смета дека Македонија не е сама на патот кон ЕУ, по одлуката на Унијата за одвојување на Албанија и нејзина забрзана интеграција. 

„Не сме сами, имаме многу пријатели кои се дел од европското семејство. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на европските политичари, јас не сум таков. Не сум инаетлив човек, подготвен сум да прифатам аргументи, но досега не слушнав аргументи зошто да не бидеме членки на ЕУ. Поради тоа, продолжуваме да ги решаваме проблемите на граѓаните, остануваме на патот на Е, градејќи партнерства и пријателства. Диктати, закани и уцени не прифаќам“, вели Мицкоски.