Администрацијата на претседателот на САД Џо Бајден ги повика компаниите кои управуваат со пристаништата во САД да ги зголемат платите на пристанишните работници кои штрајкуваат веќе втор ден.
-Морските превозници остварија рекордни профити за време на пандемијата, кога пристанишните работници беа изложени на опасност во нивните напори пристаништата да останат отворени. Време е овие морски превозници да понудат силен и фер договор што годразува придонесот на работниците на ILA (International Longshoremen’s Association) за нашата економија и нивните рекордни профити“, соопшти Бајден на X. Тој наложи администрацијата да следи можни зголемувања на цените што би им одело во прилог на морските превозници, соопштија од Белата куќа.
Штрајкот на синдикатот на ILA деновиве го блокира снабдувањето со стоки, од храна до автомобили, во десетици пристаништа од Мејн до Тексас, и ова, велат аналитичарите, ќе ја чини економијата на САД милијарди долари дневно.
Националната федерација за малопродажба ја повика администрацијата во Вашингтон да ги искористи своите федерални овластувања за да го прекине штрајкот, изјавувајќи дека може да има „разорни последици“ за економијата.
Според Everstream Analytics, во американските пристаништа вчера веќе стоеле повеќе од 38 контејнерски бродови, додека во неделата пред штрајкот биле само три.
Околу половина од американскиот увоз и 37% од извозот се врши по морски пат. Според проценките на аналитичарите на JP Morgan, штрајкот може да ја чини американската економија околу 5 милијарди долари дневно.