Бајден: Верувам дека нема да дојде до сеопфатна војна на Блискиот Исток

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во четвртокот дека не верува дека ќе има „сеопфатна војна“ на Блискиот исток, регион које на работ од голем судир по израелски напади во Газа и Либан и ескалацијата на тензиите на Израел со Иран, и дека таква војна може да се избегне, но треба да се направи повеќе за да се обезбеди тоа.

На прашањето од новинарите колку е уверен дека таква војна може да се избегне, Бајден подзастана и одговори: „Колку сте сигурни дека нема да врне? Видете, не верувам дека ќе има сеопфатна војна. Мислам, можеме да го избегнеме тоа, но имаме уште многу да направиме“.

Одговори и дали ќе испрати американски војници да му помогнат на Израел: „Веќе му помогнавме на Израел. Ќе го заштитиме Израел“.

Тензиите меѓу Иран и Израел ескалираа додека Израел ги разгледуваше опциите како да одговори на нападот со балистички ракети на Техеран врз Израел во вторникот. Иран го изврши нападот како одговор на воената акција на Израел во Либан, односно како одмазда за смртта на шефот на Хезболах, Хасан Насрала.

Последното крвопролевање во деценискиот израелско-палестински конфликт беше предизвикано од нападот без преседан според организираноста, бројноста и суровввоста на палестинските милитанти од Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој според израелските податоци загинаа 1.200 луѓе, а беа земени околу 250 заложници. Според Министерството за здравство на Газа, во израелската сеопфатна офанзива во Газа, управувана од Хамас, загинаа повеќе од 50.000 Палестинци.

Речиси целото население на Газа е неколкупати веќе раселено, а нападот предизвика криза со глад и доведе до обвинувања за геноцид, што Израел ги негира.

Во неодамнешната воена акција на Израел во Либан загинаа повеќе од илјада луѓе, ранети се илјадници и раселени милион луѓе. Израел вели дека цели на либански милитанти на Хезболах поддржани од Иран, но сепак и во оваа израелска операција најбројни се цивилните жртви.