ЕУ: Потврдена одлука за дополнителни царини за кинеските електрични возила

Земјите-членки на Европската унија во петокот ја потврдија одлуката на Комисијата да воведе дополнителни давачки за електричните возила увезени од Кина, и покрај противењето на Германија.

„Денеска предлогот на Европската комисија за воведување конечни компензаторни давачки за увозот на електрични возила со батерии (BEV) од Кина ја доби потребната поддршка од земјите-членки на ЕУ“, соопшти Комисијата.

Комисијата сега може да ја зголеми царинската стапка до 35 отсто од постојните 10 отсто. Оваа одлука треба да стапи на сила до крајот на октомври.

Целта на зголемувањето на царинските стапки, како што е објаснето, е повторно да се воспостават фер услови на пазарна конкуренција со производителите кои имаат корист од големите јавни субвенции.

Кина, од своја страна, го осудува овој „протекционистички“ пристап и веќе започна антидампинг истраги за производи како што се свинско месо, млечни производи и алкохолни пијалоци на база на вино увезени од Европа, како и коњак.

Иконка на веб-сајтот

Германија, која најмногу се противи на воведувањето казнени тарифи за кинеските автомобили, не успеа да го собере блокираното малцинство. Берлин стравува од кинеска одмазда што може да ја погоди нејзината автомобилска индустрија. Кон него се приклучија само четири земји – Унгарија, Словачка, Словенија и Малта.

За одлуката на Комисијата беа десет земји-членки, а останатите беа воздржани.

Бидејќи земјите-членки се поделени по прашањето – не беше потребно квалификувано мнозинство, односно најмалку 15 земји-членки кои сочинуваат најмалку 65 проценти од населението на ЕУ ниту за, ниту против одлуката. Комисијата сега има одврзани раце да наметне компензаторни давачки, кои ќе се применуваат и на моделите произведени во Кина а нивните сопственици не се Кинези.

Во исто време, Комисијата го продолжува дијалогот со Кина за да се обиде да најде решение преку преговори, а дополнителните царини може да бидат укинати веднаш штом ќе се најде компромис.