БиХ: Спасувачите трагаат по исчезнатите по поплавите и свлечиштата

Во саботата наутро спасувачите ја започнаа потрагата по исчезнатите во селото Доња Јабланица во северниот дел на Херцеговина, кое беше затрупано од огромните наноси од камења, песок и кал во катастрофалните поплави кои ден претходно ја погодија Босна и Херцеговина.

Припадниците на Цивилната заштита, пожарникарите, планинската спасувачка служба и другите служби се обидуваат да стигнат до куќите за кои се стравува дека кријат најголемиот број исчезнати лица во поплавите и одроните што ги погодија општините Јабланица и Коњиќ, како и неколку други централни босански општини, во петокот вечерта.

Се пребаруваат и водите Неретва, бидејќи имало информации дека пороите однеле најмалку еден човек кон оваа река.

Градоначалникот на Јабланица, Дамир Шабановиќ вели дека се ангажирани голем број спасувачи и градежни машини. „Вложуваме максимални напори да им помогнеме на сите, да спасиме луѓе и предмети“, рече тој.

Според последните податоци, пронајдени се 16 тела на жртвите, додека медиумите јавуваат и за 17-то пронајдено на подрачјето на Јабланица, кои биле жртви на поплави и одрони од карпи. Официјално, 12 лица се пријавени за исчезнати во Доња Јабланица, додека медиумите јавуваат дека има десетици случаи.

Едно лице загинало во Бутуровиќ Поље во општина Коњиќ, а се трага по уште четири лица. Три удавени лица се пронајдени во Фојница во централна Босна.

Сообраќајот на главниот пат кон Мостар сѐ уште е во прекин, бидејќи дел од патот пропаднал во реката Неретва. Во оваа општина и соседниот Коњиќ има голем број населени места кои сѐ уште се отсечени од светот. Материјалната штета е огромна, а помош за Босна и Херцеговина најавија и Европската Унија и соседните Хрватска и Србија, како и бројни други земји.

За лицата од загрозените подрачја се организира сместување во Спортската сала во Јабланица и во Центарот за бегалци Салаковац кај Мостар. Обезбедени се 80 легла во Јабланица и 120 во бегалскиот центар.