Зеленски ќе го претстави „планот за победа“ на 12-ти октомври

На состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, што ќе се одржи на 12-ти октомври во Рамштајн во западна Германија, Украина ќе претстави „план за победа“, кој предвидува чекори за завршување на војната со Русија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Се подготвуваме за Рамштајн на 12-ти октомври. Ова ќе биде 25-ти состанок, но прв на лидерско ниво. Ќе претставиме победнички план, јасни, конкретни чекори за праведен крај на војната. Одлучноста на земјите партнери и јакнењето на Украина е тоа што може да ја спречи руската агресија“, објави Зеленски на Telegram.

Додаде дека на состанокот во Рамштајн земјите-партнери од украинската страна ќе ги добијат „сите детали, сите аргументи како да се обезбедат резултати во наредните месеци и на фронтот и со дипломатска активност“, пренесе Укринформ.

Украинската агенција наведува дека со состанокот во Рамштајн, на 12-ти октомври, ќе претседава американскиот претседател Џо Бајден.

Детали не се објавени, но Зеленски му го претстави планот на американскиот претседател Џо Бајден, како и на главните кандидати на претседателските избори, кога го посети Вашингтон минатиот месец.

Портпаролот на Стејт департментот рече дека планот содржи „голем број продуктивни чекори“ за САД да соработуваат со Украина.

Сепак, веснико The Wall Street Journal цитираше анонимни американски претставници кои велат дека планот во суштина е барање за повеќе оружје и укинување на ограничувањата за употреба на ракети со долг дострел и дека нема сеопфатна стратегија.