Јужните предградија на либанската престолнина Бејрут беа погодени од израелски воздушни напади во текот на ноќта и во раните утрински часови во неделата, што е најинтензивното бомбардирање на либанската престолнина откако Израел остро ги засили операциите против шиитското движење Хезболах.
Во текот на ноќта, експлозии одекнаа низ Бејрут, а очевидци и воени аналитичари изјавија за локална телевизија дека тоа е најголемиот израелски напад врз Бејрут досега.
„Синоќа беше најсилно во споредба со претходните ноќи. Зградите се тресеа околу нас, прво помислив дека е земјотрес. Имаше десетици потреси, не можевме да ги изброиме сите, а звуците беа заглушувачки”, изјави за Reuters Ханан Абдула која живее во јужните предградија на Бејрут.
Видеата објавени на социјалните мрежи, чијашто автентичност и геолокација Reuters не можел да ја потврди, покажуваат нови оштетувања на автопатот што води од аеродромот во Бејрут преку неговите јужни предградија до центарот на градот.
Израел објави дека воздухопловните сили „извршиле серија насочени напади врз неколку складишта за оружје и локации со терористичка инфраструктура на терористичката организација Хезболах во областа Бејрут“.
Либанските власти веднаш не соопштија што погодиле израелските проектили или каква штета предизвикале.
Интензивното бомбардирање дојде непосредно пред годишнината од нападот на 7 октомври од страна на палестинската милитантна група Хамас врз јужен Израел, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и киднапираа повеќе од 250, според израелските податоци, а во одмазничката операција на израелската армија во палестинската енклава Појасот Газа досега се убиени најмалку 42.000 луѓе.
Израел започна воздушни напади ширум Либан и копнена инвазија на југот на земјата во обидот да ги потисне дејствата на либанското шиитско движење Хезболах, главниот сојузник на Иран во регионот.
Според либанските власти, повеќе од 1.500 луѓе се убиени, меѓу кои и цивили, додека 1,2 милиони луѓе се раселени во изрелските возушни удари започнати пред десетина дена.
Израел со денови го бомбардира бејрутското предградие Дахија, кое се смета за упориште на Хезболах, но каде живеат и илјадници обични либански, палестински и сириски бегалци.
Политичкиот челник на Хезболах, Саид Хасан Насрала беше убиен на 27-ми септември, неколку дена откако според либански повикал на прекин огнот преку француските дипломатски посреници.
Либански безбедносен извор во саботата изјави дека Хашем Сафиедин, кој е споменуван меѓу дригите како еден од можните наследник на Насрала, исчезнал во петокот, по израелскиот воздушен напад во четвртокот во близина на меѓународниот аеродром во Бејрут, кој наводно бил извршен против него. Израел продолжува да ја бомбардира областа, спречувајќи спасувачите да стигнат до неа, соопштија либански безбедносни извори.
Хезболах не ги коментираше овие информации во врска со Сафиедин.