Една година потоа – Израелците обединети од траумите, поделени поради војната

Една година откако палестинското исламистичко движење Хамас изврши невиден брутален упад во јужен Израел на 7 октомври, Израелците се обединети од заедничката траума од нападот, но се поделени околу тоа како да се запре војната.

По нападот на Хамас, без преседан според огранизираноста и координираноста но и најсмртоносниот во израелската историја, се појави движење за национална солидарност, волонтери подготвуваа оброци за војниците и ги сместија бегалците во нивните домови. Тоа разбирање и солидарност им дадоа утеха на Израелците, но Министерството за здравство посочува дека земјата сега се соочува со „најсериозната ментална здравствена криза во својата историја“.

Прашањата околу судбината на десетици израелски заложници земени од палестинските милитанти во Појасот Газа на 7 октомври им отежнуваат на луѓето да ја остават траумата зад себе и да продолжат со своите животи.

„Чувството на безбедност на Израелците е уништено“, вели за АFP Мерав Рот, израелски психоаналитичар кој ги третира поранешните заложници и семејствата на загинатите.

Ова е „затоа што тие се идентификуваа со жртвите и затоа што безбедносните сили не можеа да ја спречат инвазијата на земјата“, рвели Рот. „Оваа инвазија на домот, индивидуална и колективна, е без преседан во историјата на Израел и застрашувачка за Израелците“, додава.

Тоа не е „траума што заврши, туку настан чии компликации се влошуваат“, бидејќи постојано се дознава за смртта на нови заложници или војници кои се борат во Појасот Газа и постојано се известува за закани за општа војна против Хезболах во Либан.

Во нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври, според податоците на AFP врз основа на официјалните израелски податоци, кои вклучуваат заложници убиени во заробеништво, загинаа 1.205 луѓе, главно цивили. Од 251 заложник земен од милитантите, 97 сѐ уште се во заробеништво во Појасот Газа, вклучително и 33 кои израелската војска ги прогласи за мртви.

Најмалку 41.455 луѓе загинаа во израелската офанзива во Појасот Газа, главно цивили, според тамошното Министерство за здравство. Обединетите нации соопштија дека податоците се веродостојни.

Поделбите во Израел се продлабочија околу воената политика на владата по краткотрајниот прекин на огнот во ноември, кој придонесе за ослободување на 105 заложници и покрена прашања за тоа како да се вратат дома останатите.

Ниту една сабота вечер не поминува без илјадници демонстранти да излезат на улиците на Тел Авив, а понекогаш и во други градови, велејќи им на властите: „Вратете ги дома сега!“. Но, оние Израелци кои бараат договор со Хамас „по секоја цена“ за ослободување на заложниците се критикувани од оние кои стравуваат дека таквите протести ја поткопуваат позицијата на владата и ненамерно би можеле да ги зајакнат милитантите.

Тамар Херман, научен соработник во Израелскиот институт за демократија, вели дека поделбите во голема мера го одразуваат политичкиот јаз меѓу левицата и десницата кој беше заострен пред војната поради предлозите за судски реформи на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Предлогот, поттикнат од десничарските коалициски партнери на Нетанјаху, предизвика повеќемесечни протести кои често привлекуваа десетици илјади Израелци.

„Очигледно сите мислат дека прашањето за заложниците е страшно, но она што предизвикува поделба во јавноста е колку сме подгтовени да платиме за да ослободиме помалку од 100 луѓе“ кои сè уште се во заробеништво во Појасот Газа, вели Херман.

Војната, исто така, ги влоши поделбите меѓу секуларните Израелци и верниците, во голем дел поради ослободувањето од воена служба на ултраортодоксните Евреи што иритира многумина.

Со повеќе од 700 загинати безбедносни сили од 7 октомври, мобилизирани десетици илјади резервисти и голема воена операција на северната граница со Либан, ова прашање е поважно од кога и да е.

„Додека мојот внук си го ризикува животот во Газа, нејзините внуци доаѓаат да ја посетат во нашата соба секој ден“, вели 80-годишна жена хоспитализирана во Ерусалим, алудирајќи на нејзината ултраортодоксна цимерка.

Од друга страна, жителите на северен Израел се жалат дека државата ги напуштила долго пред војната, а нивните проблеми значително се зголемија откако шиитскиото либанско движење Хезболах започна прекугранични напади во знак на поддршка на палестинскиот сунитски Хамас на 8 октомври.

Десетици илјади луѓе се евакуирани поради речиси секојдневните напади, а околу 60.000 сѐ уште не се вратија во нивните домови. Владата ги смести повеќето од нив во хотели, меѓу кои и Дорит Сисо, учителка од Шломи, град на границата.

„Само сакам да си одам дома. Не ми е грижа за ракетите“, вели 51-годишната мајка на четири деца.

Иако поради безбедносните прописи не смеат да се вратат во Шломи, таа во септември конечно излегла од хотел во Ерусалим и изнајмила куќа во село на северот.

Малку и олесна по, како што рече, „најтешката година во животот“, со оглед на тоа што синовите и се мобилизирани, а нејзината 11-годишна ќерка страда од анксиозност.