Нови израелски напади во Бејрут

Официјалната либанска новинска агенција ANI извести за четири израелски напади во неделата доцна ноќта врз јужните предградија на Бејрут, каде што се смета дека е упориштето на Хезболах коешто е гранатирано веќе неколку дена, а израелската војска соопшти дека ги гаѓала магацините за оружје на движењето кои наводно биле лоцирани во областа.

„Непријателските воени авиони извршија два напада врз јужните предградија, првиот насочен кон областа Сен Терез, а вториот кварт Бурџ ал-Барајне“, соопшти агенцијата која ја цитира AFP.

Инаку, јужното бејрутско предградие Дахие се смета за главно упориште на Хезболах, каде пред десет дена во израелски воздушен удар со осумдесет тони бомби беа соборени седум повеќетници и притоа беше убиен политичкиот лидер на шиитското движење Хасан Насрала.

Агенцијата ANI потоа извести за уште два израелски напада во предградијата, вклучително и еден против градот Хада.

Во соопштението објавено во текот на ноќта во неделата, израелската војска соопшти дека нејзините авиони биле насочени кон „терористички цели во разузнавачкиот штаб на Хезболах“ и „магацини за оружје“ на вооруженото движење во регионот на Бејрут.

„По ударот беа идентификувани секундарни експлозии, што укажува на присуство на оружје“, додаде војската.

Видеото на AFP покажува четири удари, од кои два предизвикуваат огромни секундарни експлозии, голем пламен, како и густи облаци од црн чад.

Повеќе од 30 напади ги погодија јужните предградија во текот на ноќта, според ANI, во една од најинтензивните ноќи на бомбардирање, поради што многу луѓе од соседните населби избегале.

Јужните предградија на либанската престолнина беа редовно гранатирани од Израел од почетокот на неговата отворена војна против проиранскиот Хезболах на 23-ти септември, особено ноќе. Многу жители на јужните предградија на Бејрут побегнаа во други либански области откако Израел ги засили своите воздушни удари.

Дванаесет лица загинаа во неделата, според Министерството за здравство, во израелските напади врз Кајфун и Кматије, две села во планините со поглед на Бејрут и неговите предградија, во кои се сместени раселените луѓе.

Од октомври 2023 година, повеќе од 2.000 луѓе се убиени во земјата, вклучително и повеќе од 1.100 од 23-ти септември, соопштија властите. Околу 1,2 милиони луѓе беа раселени.