Планот на Владата е Македонија да биде центар на патни, енергетски и железнички коридори во регионот

Владата планира земјава да ја направи раскрсница во патната, енергетската и железничката област и да бидеме центар на патните, енергетските и железничките коридори во регионот, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Географската положба на земјава е многу значајна за овој дел од Европа. Наша цел како Влада е да бидеме раскрсница во три области – патна, енергетска и железничка и на тој начин цениме дека ќе бидеме приоритет во зеницата на поголемите држави, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со српскиот колега Милош Вучевиќ во Скопје.

Патното поврзување на коридорот 10, како што кажа, горе доле е завршено, останува да се до реализира коридорот 10д. Се реализира и коридорот 8 со што по нивното завршување стануваме раскрсница. Во делот на железничкиот превоз ист приоритет имаат коридорите 8 и 10. Во делот на коридорот 8 наскоро, посочи, во Брисел ќе има средба од високо ниво за да се види што планира Бугарија, а на коридорот 10 се размислува дали да се модернизира постојната траса со промена на шините и електрификација и да се зголеми брзината од 35 на 110 до 120 километри на час или да се направи брза пруга на нова траса преку Овчеполието со брзини од 220 до 250 километри на час, но тоа е четири пати поскапо. Во делот на енергетиката треба да се реализира 400-киловолтниот далновод со Албанија и гасните интерконектори со Грција и Србија за да станеме раскрсница.

-До крајот на годинава очекуваме конечно да заврши тендерот со нашиот јужен сосед за да можеме да го изградиме интерконекторот со нив. Финансирање имаме обезбедено, ЕБОР и ЕИБ практично ќе бидат финансиерите на овој проект, очекувам договор и веќе на пролет да почне да се гради, но тоа не би значело ништо доколку не биде во фаза на развој и изградба и интерконекторот со Србија, рече Мицкоски.

Потенцира дека капацитетот на интерконекторот со Грција е 12 милијарди нормални кубни метри природен гас, а ние во земјава трошиме само 500 милиони нормални кубни метри.

-Целта е да се инвестира и потоа како транзитна држава да обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа од нови 12 милијарди нормални кубни метри природен гас за покрај од Јужниот поток да има од каде добијат уште некои количини на гас, рече Мицкоски.

Нагласи дека очекува Украина во текот на зимата да влече голема количина на гас од Европа, со што, како што кажа, ќе се зголеми цената на природниот гас и додаде дека тоа зголемување мораме да го пречекаме подготвени и тоа не само годинава, туку и во годините што ќе следат и токму поради тоа се развиваат проектите за интерконективно гасно поврзување.