Напаѓачот на Барселона, Феран Торес, заработи повреда на тетивата и ќе паузира на неодредено време, соопштија од клубот во понеделник.
Торес така ќе ги пропушти натпреварите на шпанската репрезентација во Лигата на нациите против Данска во сабота и Србија следниот вторник, потврди селекторот на репрезентацијата Луис де ла Фуенте.
Медиумите пишуваат дека Феран би можел да отсуствува од шест до осум седмици откако ја заработи повредата при гостинската победа на Барса од 3:0 против Депортиво Алавес во неделата.
„Извршените испитувања врз Феран Торес потврдуваат дека тој има повреда на бицепсниот феморис мускул на десната бутина. Неговото враќање на тренинзите ќе зависи од неговото опоравување“, соопштија од каталонскиот клуб.
Барселона поради повреди веќе е без Дани Олмо, Гави, Фермин Лопез, Андреас Кристенсен, Роналдо Араухо и голманот Марк-Андре тер Штеген.