Најмалку десет спасувачи убиени во израелски напад на Либан

Најмалку десет спасувачи загинаа во израелски воздушен напад врз општинска зграда во близина на Бинт Џбеил во Либан, соопшти тамошното Министерство за здравство. Се наведува дека пожарникарите биле во зградата кога таа била бомбардирана.

Либански безбедносни извори потврдија во понеделникот за германската новиснка агенција dpa дека најмалку десет лица се убиени. Либанската телевизија LBCI објави дека цел на нападот била зградата на Исламската здравствена управа, кровна организација на Хезболах која управува со болниците ширум Либан.

Управата за цивилна одбрана соопшти дека во земјата се извршуваат повеќе од 160 мисии кои опфаќаат извлекување на тела и повредени од урнатините, како и гаснење пожари.

Во меѓувреме, Израел продолжи со нападите во близина на Тир, Набатие и други области во јужен Либан. Израелската армија нареди евакуација на повеќе од 20 села на југот на Либан, што укажува дека нападите ќе продолжат.

Портпаролот на израелската армија на арапски јазик во понеделникот издаде итно предупредување до населението да избегнува да биде на плажа или на чамци на либанскиот брег од реката Авали на југ до понатамошно известување.