Техеран ги повика земјите од Персискиот залив да не дозволат да се користи нивниот воздушен простор против Иран

Техеран им порача на арапските земји од Персискиот залив дека би било „неприфатливо“ за нив да дозволат нивниот воздушен простор или воени бази да се користат за напади врз Иран и се закани дека секој таков потег ќе предизвика одговор, изјави ирански функционер.

Агенцијата Reuters наведува дека неименуваниот соговорник ги дал овие коментари во услови на зголемена загриженост за можната израелска одмазда за минатонеделниот ирански ракетен напад, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во средата отпатува за Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот залив на разговори.

Тие се состануваат по дискусиите меѓу Иран и арапските престолнини на Персискиот залив минатата седмица на маргините на азиската конференција во Катар, додека земјите од Персискиот залив се обидоа да го уверат Иран во нивната неутралност во можниот конфликт меѓу Техеран и Израел.

„Иран јасно стави до знаење дека секоја акција на која и да е земја од Персискиот залив против Техеран, користејќи воздушниот простор или воените бази, Техеран ќе ја смета како акција преземена од целата група и ќе биде соодветно одговорено“, изјавил за Reuters висок ирански функционер. .

„Пораката ја нагласи потребата од регионално единство против Израел и важноста да се обезбеди стабилност“, додал соговорникот.

Американскиот информативен веб-сајт Axios, повикувајќи се на израелски официјални лица, објави минатата седмица дека Израел би можел да ги нападне капацитетите за производство на нафта во Иран како одмазда.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), која е де факто предводена од Саудиска Арабија, има доволно слободни нафтени капацитети за да ги компензира можните загуби во иранското снабдување доколку израелската одмазда оневозможи некои капацитети во земјата.

Голем дел од резервниот капацитет на OPEC се наоѓа на Блискиот исток. Иран не се закани дека ќе ги нападне нафтените постројки во Заливот, но претходно предупреди дека нивните интереси во регионот ќе бидат цели доколлу директно интервенираат „поддржувачите на Израел“.

Саудиска Арабија, најголемиот извозник на нафта, политички се зближи со Техеран последниве години, во прв ред со посредство на Кина но и на Русија, што помогна да се смират регионалните тензии, но односите остануваат затегнати.

Западен дипломат стациониран во земја во Персискио залив рекол дека за време на состанокот во четвртокот на земјите од Заливот и Иран во Доха, Иран јасно ставил до знаење дека Техеран повикува на регионално единство пред израелскиот напад и дека смета дека неутралноста во Заливот го смета за минимум.

Дипломатот рекол и дека Иран јасно ставил до знаење дека Техеран внимателно ќе следи како реагира секоја земја од Заливот во случај на израелски напад, како и како се користат американските бази лоцирани во нивните земји.

Бахреин, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се домаќини на американски воени објекти и војници.