Кремљ ги отфрли тврдењата на американски новинар дека Трамп и Путин разговарале седум пати од 2021-та

Кремљ ги отфрли во средата тврдењата изнесени во книгата на познатиот американски новинар Боб Вудворд, која сѐ уште не е објавена, дека рускиот претседател Владимир Путин и републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп зборувале седум пати откако Трамп ја напушти Белата куќа во јануари 2021 година.

„Не, тоа не е точно“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за рускиот портал РБК.

Ова тврдење, повикувајќи се на анонимен советник, го објави американскиот новинар Боб Вудворд во новата книга што ќе биде објавена на 15 октомври. Непознато е дали во книгата се изнесени докази за таквите наводи.

За наводните телефонски контакти меѓу поранешниот американски претседател и рускиот лидер се зборува во книгата „Војна“ на познатиот американски новинар Боб Вудворд, која во моментов се подготвува за објавување. Извадоци од неa објави CNN.

Кампањата на Трамп остро ја критикуваше книгата, велејќи дека ниту една од епизодите опишани во неа не е вистинита, а нејзиниот автор го нарече „навистина налуничава и безумна личност“.

Според американските медиуми кои ја имале книгата на увид, во еден дел се тврди и дека Трамп тајно му испратил тестови за ковид-19 на Путин среде пандемијата на коронавирусот, додека во САД ги немало.

Во средата Кремљ, исто така, ја критикуваше американската потпретседателка и демократска кандидатка за Белата куќа, Камала Харис за нејзините изјави за Путин.

Во понеделникот Харис, која е израмнета во рејтингот со Трамп и ја очекува неизвесна борба на изборите на 5-ти ноември, рече дека не би се сретнала со Путин за да разговара за конфликтот во Украина без претставник од Киев и се обиде јасно да се дистанцира од нејзиниот ривал, републиканецот Трамп.

„Ако Доналд Трамп беше претседател, Путин сега ќе седеше во Киев, да бидеме на чисто. Тој вели: ‘Ох, би можел да го завршам уште првиот ден’. Знаете ли што е тоа? Тоа е предавство“, уверуваше Харис.

Кремљ тоа го нарече „фрустрација“ на САД. Руската амбасада во Соединетите држави во средата ги осуди „неприфатливите“ и „навредливите“ изјави на Харис за Путин.

„Тоа само ја покажува фрустрацијата и немоќта на владејачките кругови во Вашингтон“, возврати руската амбасада во Вашингтон критикувајќи ја „навредливата реторика“ и „гневот на САД“ поради „неспособноста“ во управувањето со односите со Русија.