МВР: Труење е веројатната причина за смртта на мајката и ќерката од Слатино

Министерството за внатрешни работи заедно со Основното јавно обвинителство Тетово преземаат мерки и активности за расчистување на настанот во тетовското село Слатино, каде што вчера беа пронајдени починати мајка и дете.

Првичните сознанија од наредената обдукција упатуваат на труење како веројатна причина за смрт на лицата, па од починатите се земени примероци за дополнителни токсиколошки анализи со цел да се утврди причината за труењето.

Кај починатите не се пронајдени други траги на насилство.

Исто така, по наредба на јавен обвинител, ќе бидат земени примероци од крв и урина и од другите членови на семејството – татко и уште едно дете, со цел да се провери евентуално присуство на токсини и кај нив. Се преземаат и други мерки за целосно расчистување на случајот.

-Вчера околу 14:00 часот во СВР Тетово Т.Ј. од Теарце во својство на лекар пријавил дека бил повикан на интервенција во село Слатино од М.З. од Слатино, Тетово, кој без знаци на живот ги пронашол нејзината ќерка К.Ш (36) и нејзината внука доенче во нивниот семеен дом, каде што била констатирана смрт. Постапувајќи по пријавата, обезбедено е местото каде екипа од СВР Тетово во соработка со јавен обвинител извршила увид и по наредба на обвинител безживотните тела на починатата се предадени на обдукција, додека нејзиниот сопруг Р.Ш. (50) заедно со неговиот малолетен син, ќе бидат пренесени на лекарска помош во тетовската клиничка болница, а потоа лицето Р.Ш. ќе биде приведено во Полициска станица за понатамошно постапување“, пишуваше вчера во соопштението на МВР.