Цените на нафтата паднаа на 76 долари, трговците преокупирани со побарувачка

Цените на нафтата паднаа до 76 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи намалените проценки за глобалната и американската побарувачка ги надминаа шпекулациите за можен израелски напад врз нафтената инфраструктура на Иран.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше пониска за 1,12 долари во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 76,06 долари. Вчера ја затвори трговскио ден со загуба од 3,75 долари.

На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по пониска цена за 64 центи, од 72,93 долари. Вчера го затвори тргувањето со загуба од 3,57 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека цената на барел од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во понеделникот паднала за 24 центи на 78,26 долари.

Пазарите беа катапултирани последните денови од сигналите за можен израелски напад врз нафтената инфраструктура на Иран. Пред десет дена Иран истрела речиси 200 балистички проектили кон Израел како одговор на израелскиот напад врз Бејрут во кој загинаа стотици цивили и група воени и политички претставници на либански Хезболах и еден офицер на Иранската револуционерна гарда.

Техеран објави дека неговиот одговор е завршен но дека ќе возврати на евентуеален израелскио одговор, а Тел Авив најави „последици“ што беше придружена со порака од Вашингтон дека ќе го брани Израел.

На крајот од минатата седмица американскиот претседател Џо Бајден изјави дека цел на израелски напад може да бидат и иранските нафтени постројки. Неколку часа подоцна нервозата на нафтените пазари ја смири со изјавата дека доколку е тој на местото на Израел, би избрал алтернатива за нападот на нафтените постројки.

Аналитичарите заклучија претходно оваа семица дека Израел веројатно нема директно да ја нападне нафтената инфраструктура на Иран, а Тел Авив во меѓувреме испрати повеќе војници во Либан. Американскиот претседател во текот на денот треба да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а пазарите во меѓувреме се префрлија на побарувачката.

На почетокот од седмицата Кина, пак, истакна дека е „целосно уверена“ дека годинава ќе ја постигне целната стапка на економски раст, а пазарите попусто бараа најава за пообемни фискални стимулации.

Инвеститорите стравуваат дека послабиот раст на втората светска економија може да значи и послаба побарувачка за енергетски производи, а Министерството за енергетика на САД ја зголеми нивната нервоза намалувајќи ја нивната проценка за растот на глобалната и домашната побарувачка во 2025 година поради, како што наведоа, слабеењето на економската активност во Кина и Северна Америка.

Намалените проценки се совпаднаа со порастот на залихите на нафта во САД минатата семица, за дури 11 милиони барели, според извори кои се повикуваат на податоци од здружението на производители API.