Спектакуларниот шампионат IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024 во полна пареа и со огромен број на посетители

Пулсот на Скопје продолжува да чука со IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024. Овогодинешното издание на шампионатот, кое за прв пат се одржува во Македонија и на кое се претставуваат 35 држави со вкупно 5000 танчери се смета за најголемото и најоригиналното издание досега.

Со судии кои се вистински ѕвезди во светот на танцот, со дел од најдобрите светски танчери, шампионатот приредува вистинско шоу каде жестоката конкуренција во различни стилови, ги поместува границите на танцот.

Во организација на клубот „Брејк а Лег“, овој спектакл кој ќе трае до 17 октомври, во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, ќе приреди вистинско уживање за сите посетители.

Покрај бројните изненадувања кои ги најави организаторот Трајче Петковски, едно од најинтересните настани ќе се одржи денес со настапот на добропознатата млада ѕвезда Пајак, пред кого ќе настапи и Диџеј Боно.

Сите љубители на танцот и музиката, може да си го заземат своето место пред Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ за настапот кој ќе започне во 18:00 часот и за кој влезот ќе биде бесплатен.

Утре, ќе имаме можност да сведочиме и на официјалното отворање на настанот каде сите држави ќе имаат ревијален дел со ПАРАДАТА НА НАЦИИ и за која влезот од 17:30 часот ќе биде бесплатен за сите љубители на танцот. Веднаш потоа, ќе следува еден од најинтересните делови на шампионатот со категоријата „Формации-Возрасни“.

Погледнете како изгледаа перформансите од вторниот ден на шампионатот.