Орбан ќе ги седне на маса Мицкоски и Радев на претстојниот Самит на ЕУ во Будимпешта

Од високо упатени политички кругови во Унгарија, Рацин.мк информира дека унгарскиот премиер Виктор Орбан, ќе го искористи Самитот на Европската политичка заедница што на 7 ноември оваа година ќе се одржи во Будимпешта, за да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер Христијан Мицкоски и бугарскиот претседател Румен Радев, или, пак, новиот премиер на Бугарија доколку дотогаш заврши процесот за избор на нова влада во Бугарија од изборите закажани за 27 октомври.

Самитот на Европската политичка заедница, кој е веќе закажан, е иницијативата на Макрон за среќавање два пати годишно на сите лидери од ЕУ и вон ЕУ европските држави за да дискутираат за стратешки политички прашања. Последниот самит беше во јули годинава во Англија.

Унгарски извори за Рацин.мк откриваат дека на тој Самит Орбан ќе се обиде да го исполни своето ветување за посредување меѓу Северна Македонија и Бугарија и да ги седне на иста маса лидерите на двете земји. Целта на тој состанок би било изнаоѓање на решение за одблокирање на евроинтегративниот процес за Северна Македонија.

Ова ќе биде обид на Орбан да му помогне на Мицкоски да излезе од тешката ситуација на блокада во која сме сега и потврдува две работи: Дека Мицкоски е под притисок до крај на 2024 да најде решение за блокадата и за товарот на уставни измени. Ова е битно за ЕУ за да не заостанеме премногу зад Албанија и за да нема внатрешни импликации во Северна Македонија, но и во регионот; и дека Орбан и Мицкоски се надеваат на победа на Трамп на 5 ноември, два дена пред самитот во Будимпешта а тоа ќе го намали притисокот од САД за уставни измени ќе им ја зајакне позицијата на двајцата, по што Орбан ќе бара измена на Францускиот предлог со внесување на клаузула за одложена примена на уставните измени.

Мицкоски започна да се повикува на искуствата од Преспанскиот договор како модел кој може да се примени и за спорот со Бугарија, што претходно го поттикна поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој сега се нуди да ја предводи оваа дипломатска акција.

За изворите што ги консултираше Рацин.мк, ова се прилично амбициозни цели кои реално немаат голема надеж и втемеленост дека ќе успеат и имаат многу непознати. Особено ако се има предвид најавената посета на Скопје на Урсула Фон дер Лајен претседателката на Европска комисија која наскоро треба да допатува во регионот за да ги испорача ветувањата за парите предвидени со Планот за раст.

Во однос на Северна Македонија Фон дер Лајен ќе ги испорача и условите и очекувањата на ЕУ за сериозни и суштински реформи од новата Влада за кои до сега нема никаква трага, како и брзо изгласување и спроведување на уставните измени така како што е наведено во усвоената преговарачка рамка прифатена од сите држави членки на ЕУ.