Нихон Хиданкио, јапонската организација на преживеаните од американските напади со атомски бомби на Хирошима и Нагасаки во 1945 година, во петокот беше прогласенa за добитник на Нобеловата награда за мир, како предупредување до земјите кои поседуваат нуклеарно оружје да не го користат.
Сведоците на единствените две атомски бомби кои некогаш биле користени во историјата и тоа откако веќе беше изгледен исходот од Втората светска војна, членовите на групата позната како Хибакуша ги посветиле своите животи во борбата за свет без нуклеарно оружје.
„Хибакуша ја добива Нобеловата награда за мир за неговите напори во обидот да се создаде свет без нуклеарно оружје и за неговото сведочење кое покажа зошто нуклеарното оружје никогаш повеќе не смее да се користи“, објави Комитетот за Нобеловата награда за мир во Осло.
„Хибакуша ни помага да го опишеме неописливото, да го замислиме незамисливото и некако да ја разбереме неразбирливата болка и страдање предизвикани од нуклеарното оружје“, наведува Комитетот.
Без да именува ниту една земја, претседателот на комитетот Јирген Ватна Фриднес ги предупреди земјите што поседуваат нуклеарно оружје да не размислуваат за негово користење.
„Денешното нуклеарно оружје има многу поголема разорна моќ. Може да убие милиони луѓе и да предизвика катастрофална штета на климата. Нуклеарната војна може да ја уништи нашата цивилизација“, рече Фриднес, пофалувајќи ги „вонредните напори“ на организацијата Нихон Хиданкио и другите Хибакуша. претставници за нивниот придонес во светот без таа закана.
Следната година ќе се одбележи 80-годишнината од американскиот нуклеарен напад врз Хирошима и Нагасаки во август 1945 година.
Ова не е првпат Комитетот за Нобеловата награда за мир да се фокусира на заканата од нуклеарно оружје. Во 2017 година, тој ја додели оваа престижна награда на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарно оружје (ICAN).
Наградата ќе биде доделена на церемонија во Осло на 10 декември, на годишнината од смртта на шведскиот натуралист Алфред Нобел, кој наградата ја востанови во својот тестамент во 1895 година.