Европа ќе биде тег на светската трговија во 2024-та

Светската трговија годинава ќе порасне нешто посилно од очекуваното, бидејќи Азија ќе ги компензира послабите резултати во Европа, проценува Светската трговска организација (СТО – WTO).

Вредноста на светската трговија ќе се зголеми за 2,7 отсто во 2024 година, покажуваат новите пресметки на СТО. Во април тие го проценија растот на 2,6 отсто.

Трговијата закрепна оваа година од ефектите на високата инфлација и зголемените трошоци за задолжување, кои ја намалија трговијата за 1,1 отсто минатата година, објави СТО во годишниот извештај објавен во четвртокот.

Благодарение на ублажувањето на инфлацијата, централните банки почнаа да ги намалуваат каматните стапки, а поблагиот раст на цените обезбедува услови за посилна лична и корпоративна потрошувачка, која треба да издвојува повеќе пари за инвестиции, објаснува СТО.

Во 2025 година растот на размената треба да се забрза само малку, со стапка од 3,0 отсто, проценуваат тие.

„Очекуваме постепено закрепнување на глобалната трговија во 2024 година, но остануваме внимателни за можни знаци на неволја, особено поради можната ескалација на регионалните конфликти, како оние на Блискиот исток“, рече генералниот директор на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала во соопштение.

„Најтешките последици (од ескалацијата) би ги претрпеле земјите директно вклучени во (конфликтот), но индиректно тие би можеле да се прелеат и на глобалните енергетски трошоци и на транспортните патишта“, додаде Оконџо-Ивеала.

Јазот во монетарната политика на големите економии е, исто така, ризик, бидејќи „може да предизвика финансиска нестабилност и промени во тековите на капиталот“, забележува СТО.

Размената би можела да порасне посилно од моментално очекуваното доколку економската активност благодарение на намалените трошоци за задолжување порасне посилно од моментално очекуваното, а инфлацијата остане во прифатливи граници, додаваат тие.

Пад во Европа

Прогнозите за светската трговија не покажуваат никакви важни промени во регионалната структура на трговијата, нагласи главниот економист на СТО, Ралф Оса, додавајќи дека податоците за обемот на трговската размена се значително променети, вклучително и оние за европскиот извоз и увоз од 2020 година.

Европа е единствениот светски регион кој годинава ќе забележи пад на обемот на извозот, за 1,4 отсто, според проценките на СТО, по падот од 2,7 отсто во 2023 година. Во 2022 година тој пораснал за 1,8 отсто, а во 2021 година за 6,9 отсто, покажуваат новите пресметки.

Европскиот извоз е попречен од автомобилскиот и хемискиот сектор, нагласува СТО, додавајќи дека падот на извозот на автомобилски производи од ЕУ е загрижувачки поради можното влијание врз разгранетите синџири на снабдување во секторот.

Извозот на органски хемикалии постепено се нормализира, по скокот за време на пандемијата, додаваат тие.

Увозот во ЕУ годинава треба да се намалил и за 2,3 отсто, пресмета СТО, забележувајќи го наглиот пад на увозот на машини, особено од Кина.

„Трендот оди подалеку од геополитичките тензии и се рефлектира во увозот од САД, Јужна Кореја и Јапонија“, нагласуваат тие.

Во исто време, ЕУ увезува сѐ повеќе и повеќе стоки од Индија и Виетнам, што укажува на нивната се позначајна улога во глобалните синџири на снабдување.

Скок во Азија

Според проценките на СТО, годинава најмногу би требало да порасне азискиот извоз и тоа за дури 7,4 отсто.

Следуваат Блискиот исток и Јужна Америка со прогнозиран раст на извозот од 4,7 и 4,6 отсто, соодветно.

Извозот од Заедницата на независни држави, чии полноправни членки се Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан, би требало да порасне за 4,5 отсто.

Следува Африка со прогнозирана стапка на раст на извозот од 2,5 отсто оваа година, а блиску е Северна Америка, каде би требало да порасне за 2,1 отсто.

Блискиот исток годинава би требало да забележи најголем скок на увозот, за девет отсто. Следува Јужна Америка со пораст на увозот од 5,6 отсто и Азија каде треба да се зголеми за 4,3 отсто.

Во Северна Америка увозот годинава би требало да порасне за 3,3 отсто, а во ЗНД за 1,1 отсто. Африка е исто така блиску, со проценет раст на увозот од 1,0 отсто, како што проценува СТО.