Шест пациенти во Бразил биле позитивни на ХИВ откако им биле трансплантирани заразени органи, соопштија властите во петокот.
Канцеларијата на Министерството за здравство во Рио да Жанеиро соопшти дека лабораторијата одговорна за спроведување на тестови на донирани органи била суспендирана откако органи од двајца донатори биле трансплантирани на шест лица од државниот список за трансплантација.
И други пациенти биле подложени на тестирање за да се утврди дали органите што ги примиле се заразени. Тестирани се и сите органи кои се чуваат во лабораторијата од декември 2023 година, кога била ангажирана таа институција, информираат од Министерството за здравство.
„Ова е случај без преседан“, се вели во соопштението.
Полицијата отвори истрага за откривање на одговорните.
Здравствените власти биле контактирани кога пациент со трансплантација на срце се пожалил на здравствени проблеми и бил позитивен на ХИВ. Заразени биле и двајца други пациенти кои добиле по еден бубрег.
Лекарите се загрижени дека таков сериозен пропуст може да ја поткопа довербата на јавноста во службата за донирање органи и да го намали бројот на донатори.
Службата за трансплантација на Рио де Жанеиро е основана во 2006 година и им помогнала на повеќе од 16.000 луѓе со донирани органи, објави владата.