Илјадници луѓе остануваат заробени во бегалскиот камп Џабалија во палестинската енклава Појасот Газа додека израелските сили ја напаѓаат областа, соопштија во петокот Лекари без граници, една седмица откако Израел започна офанзива за која вели дека има за цел да го спречи Хамас да се прегрупира.
Најмалку 20 Палестинци беа убиени, а десетици ранети доцна во петокот во израелските напади врз Џабалија, кои исто така оштетија околни домови, изјавија лекари кои работат во областа за Reuters. Бројот на убиените најверојатно ќе се зголеми, додаваат тие.
Израелската армија во петокот уби најмалку 61 Палестинец во Појасот Газа. Речиси половина од жртвите се убиени во Џабалија, најголемиот бегалски камп во Газа, од кои дваесет во своите домови.
Израелската армија во соопштение тврди дека таму убила десетици милитанти.
„Никому не му се дозвочива да влезе или излезе; тие пукаат во секој што ќе се обиде на тоа“, напиша координаторката на проектот на Лекари без граници, Сара Вуилстеке на платформата X.
Петмина членови на меѓународната невладина организација Лекари без граници (MSF – Médecins Sans Frontières )се заробени во Џабалија.
„Не знам што да правам; можеме да умреме во секој момент. Луѓето гладуваат. Се плашам да останам a се плашам и да заминам“, ги пренесе Вуилстеке зборовите на Хајдар, возачот на Лекари без граници.