Пронајдено 21-то тело на жртва во северна Херцеговина, вкупно 24 загинати во БиХ

Во областа Коњиќ, откриено е телото на уште една жртва од поплавите и свлечиштата кои минатата седмица го погодија северниот дел на Херцеговина и централниот дел на Босна, што доведе до целосен прекин на железничкиот и патниот сообраќај и големи загуби во економијата.

Градоначалникот на Коњиќ, Осман Ќатиќ, за локалните медиуми потврди дека спасувачките екипи го пронашле телото на жртвата од областа Бутуровиќ Поље, а во тек е извлекувањето на оваа жртва од наносот на вода и кал.

Со тоа бројот на жртвите од северниот дел на Херцеговина се искачи на 21, додека три лица загинаа во Фојница.

Најголем број луѓе загинаа во одрони од карпи во населбата Доња Јабланица, каде што, исто така, беше тешко оштетена железничката пруга и целосно беше прекината врската со пристаништето Плоче.

Во пристаништето Плоче во моментов има 400.000 тони разновидна стока за БиХ, поради што ова пристаниште, но и бројни компании од централниот дел на БиХ страдаат. Железниците на Федерацијата Босна и Херцеговина секојдневно губат по околу 125.000 евра поради прекин на железничкиот сообраќај.