-Немам информации за средба со бугарскиот претседател Румен Радев во Будимпешта, но сум подготвен да седнам и да разговарам, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање, дали на 7 ноември на состанокот на Европската политичка заедница во Будимпешта ќе се сретне со Радев.
Претходно, повикувајќи се на високо упатени политички кругови во Унгарија, Рацин.мк објави дека добиле информации дека унгарскиот премиер Виктор Орбан, ќе го искористи Самитот на Европската политичка заедница којшто на 7 ноември оваа година ќе се одржи во Будимпешта за да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер Христијан Мицкоски и бугарскиот претседател Румен Радев, или, пак, новиот премиер доколку до тогаш заврши процесот за избор на нова влада во Бугарија од изборите закажани за 27 октомври.
-Јас немам таква информација, ниту знам за таква средба, но доколку постои иницијатива за таква средба и на 7 ноември и на 17 октомври и на 27 октомври, јас сум подготвен да седнам и да разговарам. Не мора да биде тоа Будимпешта, може да биде било каде да седнеме да разговараме да најдеме решение кое ќе биде решение на долг рок и кое ќе гарантира Копенхашки критериуми, ќе гарантира права, ќе гарантира успех во процесот на преговори, рече Мицкоски.
Премиерот повтори дека не прифаќа диктати.
-Но, доколку дојде таква иницијатива од господинот Орбан на 7 ноември, подговен сум дури и порано, било кога, да седнам да разговарам, врз основа на аргументи, не на диктат. Диктати не прифаќам, рече Мицкоски по заедничката прес-конференција со претседателот на СОНК Јаким Неделков во Владата.