Мајката на Вања не ги познава убијците, сопругот ѝ барал да му препише еден стан

Со сведочење на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Зорица Ѓорчевска денеска пред судот рече дека не ги познава обвинетите за свирепото убиство на нејзината 14-годишна ќерка Вања што се случи лани во ноември.

Таа објасни како го поделиле имотот со поранешниот сопруг Александар.

– Настанот се случи на улица Наум Наумовски Борче бр. 87, два месеци живеевме во тој стан, од 10 септември. Претходно живеев во стан на улица Славе Деловски, кој беше моја сопственост. Станот на Наумовски Борче во моментот беше на Александар, претходно беше мој, татко ми ми го препиша – рече Зорица Ѓорчевска.

На прашањето зошто му го дала станот на Александар, Зорица рече дека не може да каже конкретно.

– Јас имав два стана, тој бараше еден да биде на негово име, за ако некому од нас нешто му се случи, да останат за децата. Во 2018 година станот му го префрлив на Александар. Потоа децата сакаа да живеат во тој стан и јас како старател побарав станот да се префрли на име на децата. Постапката почна, едниот стан на едното дете, другиот на другото дете. Нотарската заверка никогаш не беше завршена, тој се повлекуваше, ретерираше. Кога се преселивме, јас инсистирав да се доврши постапката. Јас го користев станот, почнав да го уредувам, да го преградувам, нарачавме мебел и се преселивме на 10 септември. Претходно беше даден под кирија, а киријата ја земаше Александар – рече Ѓорчевска.

Во вкрстено прашање од адвокатот на Љупчо Палевски, мајката на убиената Вања Ѓорчевска кажа дека не го познава лично, меѓутоа знае кој е.

Татко ѝ од него купил стан, тој на „Наум Наумовски Борче”, каде што се случи киднапирањето. Одговори и дека не ѝ е познато дека имале несогласувања. Односно дека ако имале, татко ѝ би се повлекол.

На барање на судијата Ивица Стефановски да прецизира од кој момент таткото на Вања тврдел дека таа е киднапирана, таа одговори:

„Од прв момент, а кога беше тој прв момент, не знам. На 27 ноември кога ја снема Вања, попладнето почна да тврди дека е киднапирана и потоа цело време не престана”.

Денеска сведочеше и Ана Киркова, ќерка на киднапираниот и убиен Панче Жежовски.

„Тој се познавал со Велибор Манев. Пет минути од кај нас е со кола, 10 минути пешки до кај него. Ја знам куќата на Манев. Татко ми го ангажираше да ни работи градежништво дома“, сведочеше Киркова.

„Татко ми два дена не се јавуваше. Тој немаше долгови. Татко ми живееше скромно, од својата пензија. Тој имаше спор за некаквиз плочки со Велибор Манев, одамна беше, не се сеќавам“, продолжи таа со сведочењето.

Палевски ја праша дали и спомнал нешто за него.

„Не, татко ми не ми раскажуваше за неговите пријатели и јас не ве познавам”, му одговори Киркова.