Има лекарски пропусти при лекувањето на 14-месечното бебе кое почина

Задоцнета е кислородната поддршка на 14-месечното бебе кое почина затоа што на клиниката во Козле немало соодветна апаратура за давање инвазивна и неинвазивна вентилација односно кислородна поддршка, соопштија денеска во Министерството за здравство откако стручните комисии формирани за испитување на два смртни случаи утврдија повеќе пропусти во конкретниот случај.

На Клиниката за детски болести при вториот преглед извршен на 3 октомври е направен превид во проценката за потреба од хоспитализација на 14-месечното дете кое почина, а на Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ констатирана е неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии, се дел од заклучоците на Комисијата на Министерството за здравство, посочи министерот

На 5 октомври, на Детска клиника почина 14-месечно девојче, кое претходно било одбиено за хоспитализација на оваа Клиника и родителите го однеле во „Козле“.

„Стручниот надзор утврди пропусти од 3 типа: системски, технички и во однос на стручноста. Во системските утврдено е непостоење на препораки или алгоритмни за тријажа на пациенти при прием, и дека треба потреба од континуирана обука од докторите на Детска клиника за срцеви болести. Во однос на техничките пропусти, во ‘Козле’ е утврдена дека има потреба од апарат за респираторна поддршка и унапредување за организирање на транспортот од една до друга установа“, рече министерот за здравство Арбен Таравари, на денешната прес-конференција.