Палчо пукал со пиштол во тилот на Панче Жежовски

Поранешниот началник во СВР Велес Ристе Самарџиев на денешното судење за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, рече дека обвинетиот Велибор Манев ги однел до местото каде бил закопан убиениот Панче.

Велибор ни кажа дека Љупчо Палевски го убил, му пукал со пиштол во тилот. Пронајдена беше и чаурата”, сведочеше Самарџиев.

Самарџиев рече дека по прибавената видео снимка од камерите од хотелот „Романтик“ се гледа дека се движат возилата „пежо“ и „рено кангу“ кон местото каде што живее Панче.

На прашање на судијата, сведокот кажа дека мобилниот телефон му го пронашле 4-5 дена по пријавување на исчезнувањето.

Според обвинението на 22 ноември минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на Вања во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Судењето продолжува во петок, со нови сведоци на обвинителството.